Жалам што таков ПР-систем развива ВМРО-ДПМНЕ со свои медиумски инструменти, со луѓе кои пишуваат по социјалните мрежи, што сметам дека тоа веќе не е само политички феномен, туку веќе е општествен феномен и дека станува збор за луѓе коишто го креираат тој наратив со цел нивото на политичка и јавна комуникација да го сведат под елементарното цивилизациско ниво. Едноставно сакаат да ве однесат во калта и тука да се борите, ама јас нема да го дозволам тоа. Сите тие работи апсолутно не се вистина, кажа Филипче
Ниту има тајно сценарио ниту размислуваме за такво нешто – вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека опозицијата има таен план за хаос на изборите. Според Филипче, станува збор за лажни обвинувања со кои ВМРО-ДПМНЕ се занимава подолго време бидејќи нема, како што рече, резултати со кои можат да се пофалат.
„Ги слушаме тие обвинувања од премиерот подолг временски период наназад, дека СДСМ заедно со ДУИ, со не знам кој подготвува сценарија за дестабилизација и хаос – ништо од тоа не е вистина. Досега требаше да се случи некаква дестабилизација бидејќи премиерот не обвинува за тоа подолг временски период, не само сега во очи на изборите. И тоа му е потребно зашто нема со што да се пофали, нема успех кој може да го презентира, нема добра политика. Гледаме што се случува , има криза во секој сектор – во економијата, запрен е евроинтегративниот пат на земјата, тонеме во национални поделби, исклучиво поради политиката на Владата, нема напредок во образованието, земјоделството…“
вели Филипче.
Во однос на можните коалицирања за локалните избори во октомври, Филипче посочи дека во првиот круг на СДСМ ќе настапи со сегашната коалиција, а за вториот круг ќе разговараат и со другите партии во албанскиот блок.

Претседателот на СДСМ најави дека до крајот на оваа недела или на почетокот на следната ќе бидат објавени имињата на преостанатите кандидати за градоначалници за локалните избори 2025, како и дека во следниот период ќе бидат презентирани програмите на нивните кандидати.
„Јас го слушам примерот како дава насоки како да работеле градоначалниците и сметам дека тоа е многу погрешно. Сметам дека тоа доведе Скопје да стане страшно валкан и едноставно неубав град за живеење со нивната градоначалничка, Данела Арсовска, од која понатаму во текот на мандатот се обидоа да се дистанцираат, но јасно е дека не им успеаја ‘диловите’, па затоа и се скараа меѓу нив. А јас ќе ветам една работа – дека сите градоначалници на СДСМ ќе работат чесно. И дека јас лично и целата партија стои како гаранција за тоа“,
порача лидерот на СДСМ.
На прес-конференцијата Филипче беше прашан и за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој подолго време е политички отсутен, како и дека се луксузира на јахта со поранешниот премиер Зоран Заев.
Според него, станува збор за пропаганда која има единствена цел – да дискредитира.
„Ме обвинуваа дека сум имал куќа во Нерези, излезе дека не е вистина, па дека имам подарок џип, исто така не е вистина. Па дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија, исто така не е вистина. Па дека имам јахта сега, што исто така не е вистина. Жалам што таков ПР-систем развива ВМРО-ДПМНЕ со свои медиумски инструменти, со луѓе кои пишуваат по социјалните мрежи, што сметам дека тоа веќе не е само политички феномен, туку веќе е општествен феномен и дека станува збор за луѓе коишто го креираат тој наратив со цел нивото на политичка и јавна комуникација да го сведат под елементарното цивилизациско ниво. Едноставно сакаат да ве однесат во калта и тука да се борите, ама јас тоа нема да го дозволам. Сите тие работи, апсолутно не се вистина“,
рече Филипче.
Додека државата е на слеп колосек, додека платите стагнираат, додека младите се иселуваат – ВМРО-ДПМНЕ бара крадци и предавници, тоа е суштината на пропагандата, додаде Филипче.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, противниците на Македонија мирно спијат. Но нема да го дозволиме тоа, ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат“
кажа Филипче.
Филипче најави дека СДСМ ќе води позитивна кампања на изборите и дека ќе се фокусираaт на локалните теми, но ќе се задржат и на дел од централните теми, како евроинтеграцискиот процес и стандардот на граѓаните.
