Избраниот консултант, како што соопшти владината прес-служба, во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерска постапка за избор на изведувач. Со цел дополнително да се забрзаат актвностите, ЈП за железничка инфраструктура ќе започне постапка за избор на надзор на изградбата
Се конкретизираат работите за изградба на третата делница од пругата од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, информираат денеска од Владата.
Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка подршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

„Со ова, избраниот консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерска постапка за избор на изведувач. Со цел дополнително да се забрзаат актвностите, ЈП за железничка инфраструктура ќе започне постапка за избор на надзор на изградбата“,
се вели во соопштението од Владата.
Оттаму додаваат дека изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10.
Овие проекти, како што додаваат од Владата, ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот, дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.
На средината на јули македонска и бугарска делегација во Брисел одржаа заеднички состанок на кој беше најавено дека ќе биде распишан тендер за третата делница од Бугарија. За заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи за финализирање на текстот на меѓувладиниот договор за отпочнување градежни работи на почетокот на следната година, а кој треба да се потпише наесен.
Од Министерството за транспорт тогаш информираа дека Европската инвестициска банка (ЕИБ) понудила подготвеност да помогне во техничките дискусии и целокупниот процес.
Средбата во Брисел, пак, беше најавена од страна на министерот за транспорт Александар Николоски по состанокот со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов што се случи во јуни во Истанбул во рамките на форумот „Глобална транспортна поврзаност“.