Канада, Франција, а можеби и Велика Британија ќе ја признаат Палестина на Генералното собрание на ОН во септември

Додека сè понагласени се намерите на Франција, Велика Британија, како и на Канада дека ќе ја признаат Палестина како држава, канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, рече дека неговата држава нема да го направи тоа.
„Ние нема да се придружиме на оваа иницијатива“,
рече Мерц на заедничката прес-конференција со канадскиот премиер Марк Карни во Берлин.
Според Мерц, нема услови за признавање на палестинската држава. Германија смета дека признавањето на палестинската држава е меѓу последните чекори во решението за две држави во кое Израелците и Палестинците можат да живеат мирно еден покрај друг.
Од друга страна, Карни во јули годинава објави дека неговата земја ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН во септември, а истото го направи и францускиот претседател Емануел Макрон.
Велика Британија рече дека ќе го стори тоа доколку Израел не запре со своите активности. Воедно, во Велика Британија има јавен притисок за признавање на Палестина.
Сето ова се случува во време кога не запираат израелските напади во Газа.
Вчера ИДФ со тенк погоди болница каде што меѓу 20 загинати имаше и петмина новинари.