Откако се обиделе да ги прегазат, полициските службеници испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух
Полициски службеници од СВР Куманово синоќа уапсиле две лица од Куманово, кои прво им попречувале да извршат контрола на товарно возило натоварено со огревни дрва, а потоа и ги нападнале, а на крај се обиделе и да ги прегазат со камион. Инцидентот се случил во саботата околу 22:30 часот кај селото Макреш, во Општина Старо Нагоричане. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полицајците на терен најпрво забележале паркиран камион „Мерцедес“ со кумановски регистарски таблици, натоварен со огревни дрва. До возилото стоеле две лица – 27-годишниот Т.Ј. и 46-годишниот Б.Ј.
„При обид да се изврши контрола на товарното возило, двајцата одбиле да соработуваат со полициските службеници и почнале агресивно да се однесуваат. Кога им било укажано дека мора да останат на местото, лицата физички ги нападнале полицајците и се обиделе насилно да се ослободат“,
велат од МВР.
Откако влегле во камионот, двајцата се обиделе со возилото да ги прегазат полициските службеници.
„Во тој момент, поради сериозната закана по животот и безбедноста на службените лица, тие биле приморани да испукаат неколку предупредувачки куршуми во воздух“,
велат оттаму.
По преземените мерки и брзата акција на полицијата, осомничените биле лоцирани и приведени. Возилото со огревните дрва било пронајдено и обезбедено како доказ. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, против двајцата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.