Досега во модулот се евидентирани над 400 донации
Министерството за здравство воведе електронски модул за донации – ќе се следи кој и што донира преку министерството и јавните здравствени установи, информира министерот за здравство Азир Алиу. На веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk ќе има детален преглед на секоја донација, со наведени податоци за донаторот, вредност на донацијата, како и информации за предметот на донацијата, односно дали се донирани медицински материјали, апарати и слично.

Статистичките податоци, како што велат од министерствто, покажуваат дека 85% од дадените донации досега се состојат од медицински материјали, вклучувајќи лекови, вакцини, апарати за некои јавни здравствени установи и други материјали.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем. Досега во модулот се евидентирани над 400 донации, процесот на регистрирање сѐ уште е во тек и оваа бројка ќе биде уште поголема, што зборува за тоа дека расте довербата на меѓународните партнери и пријателски држави во нашиот здравствен систем“,
вели Алиу.

Целта е, според Алиу, да се обезбеди координација на донациите, а воедно да се избегнат ситуации кога пристигнува апаратура со различни оперативни системи или опрема за која нема достапни резервни делови и сервис во нашата земја.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“,
посочи Алиу.