Тој вчера изјави дека сака да преземе дополнителни мерки против Израел, откако минатиот месец за персона нон грата, односно за непожелни во Холандија, ги прогласи крајно десничарските министри во владата на Израел, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Фелдкамп денеска си поднесе оставка од функцијата по неуспешниот состанок на владиниот кабинет на кој се разговараше за можни санкции против Израел, јавуваат светските медиуми.

„Гледам дека не сум во позиција да преземам никакви значајни дополнителни чекори за да извршам притисок врз Израел“,
рече Фелдкамп, образложувајќи ја својата одлука.
Тој вчера изјави дека сака да преземе дополнителни мерки против Израел, откако минатиот месец за персона нон грата, односно за непожелни во Холандија, ги прогласи крајно десничарските министри во владата на Израел, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.
Холандскиот министер наведе дека мерките што ги предложил биле сериозно дискутирани, но наишле на отпор на неколку состаноци на владиниот кабинет.
Инаку, Холандија беше меѓу 21 земја што вчера потпишаа заедничка изјава во која го оценија одобрувањето на Израел за населување на Западниот Брег како неприфатливо и спротивно на меѓународното право.
За постетување, Обединетите нации денеска официјално беше прогласена состојба на глад во Газа, што е прв ваков случај на Блискиот Исток, а врз основа на извештајот на Интегрираната класификација за безбедност на храната (ИПЦ), што ја мониторира состојбата со пристапот до храна и која е поддржана од Обединетите нации.
Според извештајот повеќе од половина милион луѓе страдаат од глад во Газа, а до крајот на септември се проценува дека ќе има влошување на состојбата и дека бројот на гладни ќе се зголеми на 640 000 луѓе.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека најновите податоци за состојбата со гладот во Газа се уште една потврда дека станува збор за „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.
Од друга страна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оцени како „бесрамна лага“ извештајот и го обвини Хамас за недостигот на храна во енклавата.
Израелските власти пред два дена го одобрија планот за заземање на градот Газа, за што најавија дека ќе бидат мобилизирани 60 000 резервисти.
Одобрувањето на планот дојде и покрај фактот што претходно, Хамас поддржа предлог за ослободување на десет заложници во замена за двомесечно примирје. Израелските власти сигнализираа дека ќе го одбијат овој предлог бидејќи тој не се однесува на сите заложници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанајху вчера за време на посетата на израелските војници објави дека ги одобрил плановите за преземање на градот Газа и дека наредил да се почне со итни преговори за враќање на заложниците што Хамас сè уште ги држи во Појасот.
Претходно во изјава за Скај њуз Австралија, Нетанјаху рече дека Израел има намера да го преземе целиот Појас Газа без оглед дали ќе има договор за прекин на огнот со Хамас.