Зеленски обвини дека Москва се обидува да ја блокира секоја можност за преговори на највисоко ниво
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Киев изјави дека Алијансата заедно со Украина работи на обезбедување силни безбедносни гаранции за да се спречи нова агресија од Русија.
„Солидни безбедносни гаранции ќе бидат од суштинско значење и во моментот работиме на тоа,“
рече Руте.

Зеленски, пак, обвини дека Москва се обидува да ја блокира секоја можност за преговори на највисоко ниво.
„Прашањето за прекин на војната треба да се реши на ниво на лидери, но гледаме дека Русите прават сè за да ја спречат средбата. Украина, за разлика од нив, не се плаши од никакви разговори,“
кажа Зеленски.
Украинскиот претседател изрази надеж дека западните партнери ќе помогнат Русија да прифати најмалку минимално продуктивна позиција и оти треба тие да бидат принудени да се вклучат во дипломатијата, но доколку тоа не се случи, ќе бидат потребни силни санкции. Тој уште еднаш потенцира дека разговарал со Руте за модел на безбедносни гаранции за Украина што би биле споредливи со Член 5 од повелбата на НАТО, кој предвидува колективна одбрана на земјите членки.