Според последните информации, системот за влез и за излез од Унијата (EES) ќе започне на 12 октомври годинава и во рок од шест месеци постепено ќе го воведат 29 европски земји
Правилата за патување во Европската Унија, кои требаше да стартуваат годинава, се одложени за Македонија и според најавите треба да стапат во сила следната година, доколку не дојде до нови пролонгирања. Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, пред почетокот на работна средба во Стопанската комора, организирана на покана на претседателот на СКСМ, Бранко Азески.
„Во однос на правилата за влез во ЕУ, тие се одложени за Македонија. Ќе стартуваат, ако стартуваат, следната година, доколку повторно нема одлагања. Во меѓувреме сме во активен дијалог со претставници на ЕУ. По оваа средба имам и состанок со евроамбасадорот Михалис Рокас. Не е директно поврзано со темава, но тоа покажува дека имаме континуирана комуникација. Ќе направиме сè што можеме македонските граѓани полесно да влегуваат во ЕУ“,
рече Николоски.
Тој додаде дека, во суштина, постојниот систем на Европската Унија се дигитализира, што е дел од глобалниот напредок на технологијата, но, како што рече, важно е притоа да не се комплицира постапката за патување за граѓаните.
„Едната страна е почитување на тоа што го воведува ЕУ, а од другата страна е нашата обврска да обезбедиме процедурите да останат едноставни и достапни. Министерствата за надворешни работи и за европски прашања се постојано во координација и заедно ќе ја следиме имплементацијата“,
изјави вицепремиерот.
На средбата во Стопанската комора беше најавено дека ќе се разговара за повеќе теми, но посебен акцент ќе биде ставен на новите европски протоколи – системот за влез/излез (EES) и системот за авторизација за патување (ETIAS). Станува збор за два одделни механизми што Европската Унија постепено ги воведува за управување и контрола на влезот во Шенген-зоната.
Бизнис-заедницата, пак, предупредува дека со ваквите протоколи транспортните оператори од Македонија се доведуваат во неповолна положба во споредба со нивните колеги од ЕУ, поради ограничувањата што произлегуваат од Шенгенските правила за максимален период на престој на професионалните возачи.
Според последните информации, системот за влез/излез (EES) ќе започне на 12 октомври 2025 година и во рок од шест месеци постепено ќе го воведат 29 европски земји – 25 членки на ЕУ дел од Шенген-зоната, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Целосната примена е предвидена од 10 април 2026 година, кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој на странските државјани.
Во моментов за вториот систем – ETIAS, Европската Унија најави дека за конкретниот датум на негово стартување јавноста ќе биде информирана неколку месеци пред официјалното воведување.