Потпретседателот на ДУИ го осуди молкот на ВЛЕН по интервјуто на министерот за правда, во кое тој рече оти можеби е дојдено време да се размисли за ревидирање на Бадентеровото мнозинство
Изјававата на премиерот (За ревизија на Бадентерновото мнозинство н.з) не е лапсус или случајност вели потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи. Тој вели дека според неговото мислење, тоа е стратегија на Мицкоски кој им наредува на министрите да даваат изјави како пробен балон со што би ја нормализирале темата, за потоа тој да излезе со празни негирања што пак претставува негова стратегија за демонтирање на Охридскиот рамковен договор.
Османи вели дека она што е шокантно е молкот на коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН кон една ваква опасна акција и отворање на опасна дебата, со што е забележливо дека тие (ВЛЕН н.з) остануваат во „скутот“ на ВМРО-ДПМНЕ и покрај фактот дека се гледа оти постои план за демонтирање на Охридскиот мировен договор.
„Албанците нема да дозволат демонтирање на Охридскиот договор, нема да дозволат поништување на нивниот државотворен статус и трансформација во малцинство, враќање на мајоризацијата“,
рече Османи.
Османи ги повика сите етнички заедници да не дозволат оваа „клептократска“ Влада која е облечена во маската на национализмот, да презема акции што ќе го загрозат мирот, стабилноста и европската перспектива на нејзините граѓани и оти тие нема да дозволат Охридскиот договор да биде допрен бидејќи тоа би било во директна спротивност со извршната наредба на американскиот претседател, кој го смета доведувањето во прашање на Охридскиот договор за антиамерикански интерес.
„И оваа изјава, која мислам дека е наредена од Советот на министри затоа што министерот не може сам да даде изјава. Нарачана е од премиерот, за потоа да може да излезе и да ја негира, но да се разговараа за темава и да се нормализира, како што беше со балансерот, со албанскиот јазик, со непочитувањето на волјата на граѓаните, да се излезе полека, да се донесе одлука преку ноќ, тоа не поминува“,
заклучи Османи.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој, пак, е дел од Уставот и оти Рамковниот договор е исполнет во целост и дека тоа е завршена тема, а она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката „балансер“, која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со Закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување.
Претходно вчера, портпаролот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција рече оти ваквите идеи за ревизија се опасни бидејќи така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи и оти јавноста е сведок како оваа влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор, што се покажало со конкретни дела како укинување на „балансерот“, непочитувањето на правичната застапеност и непочитувањето на албанскиот јазик и Законот за албански јазик.
Филков во интервју за „Фокус“, направено пред гласањето во Собранието во саботата , кога не беа изгласани измените во Изборниот законик поради немање Бадентер, а објавено денеска, меѓу другото рече дека се надева оти Собранието ќе ја заврши домашната задачи и нема да дозволи правен вакуум, но доколку тоа не се случи, значи дека употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и ако е така, тогаш можеби е дојдено време да се размисли за потребата тоа да се ревидира бидејќи Македонија мора да оди напред.