Од Здравство велат дека се предадени три извештаи на комисијата за надзор, дополнително известување до Стоматолошката комора, како и друга документација од Секторот за стоматолошка здравствена заштита

Целокупната документација и извештаите од надзорот над работењето на Стоматолошката комора на Северна Македонија се доставени до Основното јавно обвинителство, потврдуваат од Министерството за здравство.
Во Обвинителството, велат од Здравство, се предадени три извештаи на комисијата за надзор, со датуми 25.2.2025, 15.5.2025 и 21.5.2025 година, кои се однесуваат на законитоста на работата на Стоматолошката комора.
Покрај извештаите, оттаму велат дека предадени се и дополнително известување до Стоматолошката комора од 11.3.2025 година, како и друга документација од секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Поради настанатата состојба, Министерството за здравство привремено ја презеде надлежноста за издавање и продолжување на лиценците за доктори по стоматологија. Докторите можат да ја достават потребната документација во архивата на Министерството, до секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Преземањето на надлежноста следуваше откако министерот за здравство Азир Алиу рече дека надзорот на документите на Стоматолошката комора детектирал сериозни пропусти како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.
Од ресорното министерство рекоа дека имале формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Стоматолошката комора и оти во двата случаи биле констатирани неправилности, по што е укажано во законски рок да се отстранат, но дека не било постапено.
Чекорот со одземање на надлежностите за лиценцирање од Стоматолошката комора тој ја нарече почеток на реформа која треба да ја врати довербата, која треба да обезбеди интегритет и која ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и со вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Министерот соопшти и дека има индиции за финансиски злоупотреби.
Од Стоматолошката комора реагираа дека при неколкуте контроли што ги имале не биле констатирани неправилности во работењето.
Оттаму ги демантираа и наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки, а таа не постапила.