Рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да се откаже од Источен Донбас, членство во НАТО и присуство на западни трупи на нејзина територија, а доколку Киев не се согласи со овие услови, војната ќе продолжи, објави денес „Ројтерс“, повикувајќи се на три извори блиски до Кремљ

Минатиот петокот во Алјаска, рускиот претседател Владимир Путин се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп по повеќе од четири години и поминаа речиси три часа дискутирајќи што би можел да вклучува потенцијалниот компромис за прашањето на Украина, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на три доброупатени извори.
Во суштина, според руски извори, Путин се согласил на територијалниот компромис што го понудил и во јуни 2024 година, кога побарал од Киев да се откаже од четири покраини за кои Москва тврди дека се дел од Русија – Донецк и Луганск во источна Украина, кои го сочинуваат Донбас, и Херсон и Запорожје на југ.
Изворите на „Ројтерс“ велат дека во новиот предлог, рускиот претседател се држел до барањето Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што ги контролира, додека за возврат Москва би ги задржала своите сегашни фронтовски линии во Запорожје и Херсон.
Доколку се постигне договор, Москва е подготвена да предаде некои делови од Харков, Сума и регионот Дњепропетровск на украинска контрола, велат изворите.
Путин стои и на своите претходни барања Украина да се откаже од членството во НАТО и бара правно обврзувачко ветување од воениот сојуз дека нема да се шири понатаму на исток.
Тој, исто така, бара да се воведе ограничување за украинската армија и договор дека нема да има западни војници на територијата на Украина како мировници.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека во текот на ноќта Русија извршила еден од најголемите воздушни напади во кој се испукани околу 574 беспилотни летала и 40 ракети, главно кон западните региони на земјата, далеку од фронтовските линии на исток и југ.
Во нападот убиено е едно лице, а 15 се повредени. Целта била голема американска фабрика, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, пренесува британски „Телеграф“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека нападот е извршен како ништо да не се променило. Тој нагласи дека Москва не покажува знаци на подготвеност за мировни преговори и ги повика сојузниците да применат поголем притисок, вклучително и нови санкции и царини.