„Тој дели скандалозни тендери во МВР за милионски бизниси на фирма зад која стои советник на ВМРО ДПМНЕ ама и за тоа најде да го обвинува СДСМ“, се вели во реакцијата на опозициската партија на денешната изјава на министерот за внатрешни работи
Тошковски денеска изјави дека Министерството за внатрешни работи постапувало согласно закон и кога ја дало лиценцата на „Супер возач“ и кога инспекциските служби на Министерството неодамна заклучиле дека не ги исполнува условите и издале забрана за работа од 30 ден, а за тоа што оваа фирма ја добила лиценцата за испитен центар во Пелагонскиот регион пресудила фамилија блиска до СДСМ која е сопственик на полигон во Ресен
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија како комични ги оцени денешните изјави на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со компанијата „Супер возач“ која од МВР доби забрана за работа од 30 дена поради неисполнување на условите, иако пред само три месеци Министерството и издаде лиценца за собраќаен инспитен центар во Пелагонискиот регион.

Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека фирма на ресенска фамилија блиска до СДСМ овозможила оваа компанија да биде единствената која ги исполнила условите на конкурсот на МВР за сообраќаен испитен центар во Битола.
„Комични се изјавите на министерот Панче Тошковски. Тој дели скандалозни тендери во МВР за милионски бизниси на фирма зад која стои советник на ВМРО ДПМНЕ ама и за тоа најде да го обвинува СДСМ. Па се слуша ли Панче што зборува? Или фатен жив нема како да се одбрани? ‘Супер возач’ зад која стои советник од ВМРО ДПМНЕ доби лиценца од МВР пред само три месеци, токму од Тошковски. Тоа што има забрана за работа од 30 дена поради серија нерегуларности само ги продлабочува скандалот“,
се вели во реакцијата од опозициската партија.
Оттаму повторуваат, дека според нив, станува збор за класичен пример на корупција и вината за, како што го нарекуваат, милионскиот скандал ја лоцираат кај министерот за внатрешни работи.
За обвинувањата кон СДСМ од Тошковски, од партијата велат дека се несмасен обид за „дефокус од неговите криминални скандали кои го тресат МВР секој ден“.
„СДСМ бара расчистување на скандалот и одговорност која мора да започне од Тошковски“,
велат од Бихаќка.
Од друга страна, Тошковски денеска рече дека Министерството за внатрешни работи постапувало согласно закон и кога ја дало лиценцата на „Супер возач“ и кога инспекциските служби на Министерството неодамна заклучиле дека не ги исполнува условите и издале забрана за работа од 30 дена.
За тоа што оваа фирма ја добила лиценцата за испитен центар, според Тошковски, пресудила ресенската фамилија блиска до СДСМ која е сопственик на полигон во Ресен.
„Тоа е поврзано со одредена фамилија која е сопственик на тој полигон во Ресен, а за да се добие испитниот центар мора да има и полигон. Практично, фамилија многу блиска до СДСМ одлучила кој да го добие испитниот центар. Но тоа не влијаеше на одлуката на МВР да постапи согласно закон. Ние и тогаш и сега постапивме согласно закон“,
изјави министерот за внатрешни работи.
Инаку, „360 степени“ во повеќе наврати пишуваше дека има повеќе „црвени знаменца“ при изборот на „Супер возач“ за фирма која ќе го има монополот на испитен центар во Пелагонискиот регион. Газда на фирмата е компанија од Кичево, која е регистрирана во август минатата година, само неколку месеци пред да се објави конкурсот за испитен центар за Пелагонискиот регион. Сопственик на таа фирма е локален функционер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Филип Митрески.

Во писмената изјава за „360 степени“ во јуни годинава Филип Митрески тврдеше дека неговата партиска припадност нема врска со изборот на негова фирма за испитен центар.
На прашањето, пак, како ќе ја врши дејноста кога неговите фирми немаат искуство во дејноста бидејќи се регистрирани речиси непосредно пред конкурсот, тогаш тој рече тимот кој стои зад неа е составен од професионалци со долгогодишно искуство во областа на возачки обуки, организација на испити и работа со институции од јавниот и приватниот сектор.
Завчера, „360 степени“ објави потврда од МВР дека битолскиот сообраќаен испитен центар „Супер возач“ добил забрана за работа од 30 дена. Во одговорот, од МВР ги објаснуваат и причините зошто кандидатите за прва возачка дозвола или за дополнителна категорија во Пелагонискиот регион, нема да може да полагаат најмалку до 13 септември годинава.
Има три основи за забраната која следува по спроведена инспекција.
„При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар согласно член 246 од истоимениот закон (За безбедност на сообраќајот на патиштата н.з.), потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит согласно член 248, како и водење неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (‘Службен весник на РСМ’ бр.29/2025)“,
одговорија од МВР за „360 степени“.
Во одговорот се наведува и дека „Супер возач“ има рок од 30 дена да ги отстрани недостатоците. Ако се прочитаат законските и подзаконските акти на кои се повикуваат од полицијата во одговорот до „360 степени“, пак, станува јасно дека е можно и одземање на лиценцата за испитен центар за „Супер возач“. Така предвидува законот, ако испитниот центар не успее да ги отстрани забелешките во дадениот рок од 30 дена.