Во нападот убиено е едно лице, а 15 се повредени. Целта била голема американска фабрика, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, пренесува британски „Телеграф“

Украинските воздухопловни сили објавија дека во текот на ноќта Русија извршила еден од најголемите воздушни напади во кој се испукани околу 574 беспилотни летала и 40 ракети, главно кон западните региони на земјата, далеку од фронтовските линии на исток и југ.
Во нападот убиено е едно лице, а 15 се повредени. Целта била голема американска фабрика, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, пренесува британски „Телеграф“.
„Нема воена логика или потреба, само терор врз луѓето, бизнисите и нормалниот живот во нашата земја“,
додаде Сибиха.
Ова е трет најголем воздушен напад на Русија оваа година во однос на беспилотните летала и осми во однос на ракетите.

Нападот се случи неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин беше во Алјаска на средба со американскиот претседател Доналд Трамп за да ги презентира своите услови за мир, вклучително и повлекување на Украина од целиот регион Донецк, иако тој не е под руска воена контрола.
Зеленски бара поостри санкции за Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека нападот е извршен како ништо да не се променило. Тој нагласи дека Москва не покажува знаци на подготвеност за мировни преговори и ги повика сојузниците да применат поголем притисок, вклучително и нови санкции и царини.
„Русија потроши неколку крстосувачки ракети врз американскиот бизнис“,
рече Зеленски.
Тој истакна дека станува збор за обична цивилна фабрика која произведувала апарати за домаќинство, како што се апарати за кафе. Американската фабрика се наоѓала во градот Мукачево во Закарпатската област и вработувала 600 работници. Нападот предизвикал голем пожар и повредил 15 лица, но сè уште не е потврдено дали фабриката била целта.
Експлозии беа регистрирани и во Лавов и Запорожје, додека сирените што најавуваат воздушен напад цела ноќ одекнуваа во Киев.
Украина го возвраќа ударот
Украина објави дека во текот на ноќта ги погодила рафинеријата за нафта во градот Новошахтинск во руската област Ростов и базата за гориво во Воронеж.

Зеленски откри и дека Украина тестирала крстосувачка ракета „Фламинго“ со дострел од 3 000 километри, што би овозможило напади длабоко на руска територија. Масовното производство би можело да започне на почетокот на следната година.
Синоќешниот руски напад претставува значителна ескалација по неколку недели поограничени напади во време кога дипломатските преговори се интензивираат.