„Тоа е поврзано со одредена фамилија сопственик на полигонот во Ресен, а за да се добие испитниот центар мора да има и полигон. Практично, фамилија многу блиска до СДСМ одлучила кој да го добие испитниот центар. Но тоа не влијаеше на одлуката на МВР да постапи согласно закон. Ние и тогаш и сега постапивме согласно закон“, вели Тошковски
Фирма на ресенска фамилија блиска до СДСМ овозможи „Супер возач“ да биде единствената компанија која ги исполнила условите на конкурсот на МВР за сообраќаен испитен центар во Битола, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, тоа сепак не влијаело на одлуката на Министерството за внатрешни работи да го затвори испитниот центар бидејќи не ги исполнувал условите, иако пред само три месеци му издаде лиценца.
„Тоа е поврзано со одредена фамилија која е сопственик на тој полигон во Ресен, а за да се добие испитниот центар мора да има и полигон. Практично, фамилија многу блиска до СДСМ одлучила кој да го добие испитниот центар. Но тоа не влијаеше на одлуката на МВР да постапи согласно закон. Ние и тогаш и сега постапивме согласно закон“,
вели Тошковски.

Како што објави „360 степени“, МВР ѝ изрече забрана за работа од 30 дена на фирмата „Супер возач“ поради нерегуларности во работењето. Истото министерство пред само три месеци му даде лиценца на „Супер возач“ врз основа на проценка дека ги исполнува сите услови за да работи.
Според одговорите кои ги добивме од МВР, има три основи за забраната која следува по спроведена инспекција.
„При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар согласно член 246 од истоимениот закон (За безбедност на сообраќајот на патиштата н.з.), потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит согласно член 248, како и водење неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (‘Службен весник на РСМ’ бр.29/2025)“,
одговорија од МВР за „360 степени“.
„Супер возач“, чиј газда е функционер на ВМРО-ДПМНЕ, ја доби лиценцата за испитен центар во Пелагониско бидејќи од трката отпадна конкурентот СИЦ АМ. Тие не го исполнија условот да имаат полигон во Ресен бидејќи газдите на единствениот таков објект во овој град одбија да им го изнајмат како и на „Супер возач“. Комисијата за заштита од конкуренцијата деновиве донесе конечна одлука дека газдите на полигонот, инаку членови на потесното семејство Бузлевски од СДСМ, сториле прекршок бидејќи морале да им го изнајмат објектот и на двете фирми.
Од СДСМ вчера обвинија дека станува збор за милионскиот тендер за организирање возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен, кој смрди на корупција, и побараа целосно расчистување на случајот.