Преку свиркачи, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, добиле информација дека еден од проектите за фризерницата која има добиено 270 илјади евра, бил првично одбиен, па потоа одобрен
Грантот од „Еразмус+“ на фамозната фризерница првенствено бил одбиен, па поранешната директорка на Агенцијата, Лидија Димова ургирала и го преиначиле во одобрен, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Преку свиркачи, како што велат, добиле информација дека еден од проектите на фризерницата која има добиено 270 илјади евра, бил првично одбиен, па потоа одобрен, кажа Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
„Дали е точна информацијата, дека раководителката на одделението за буџетска контрола во ‘Еразмус+’, Маја Колеќеска, вработена од страна на Лидија Димова, лично интервенирала за овој проект? Ако е точна оваа теза, треба да се постави и прашањето, зошто фирмата на Златковски ‘В.Е.З. Трејд’ била одбиена, па потоа прифатена? Дали блискоста на триото Колеќеска-Димова-Златковски довело до злоупотребување на службената положба, и грантот од одбиен, станал одобрен“,
вели Манасиевски.

Манасиевски објави и фотографија која според него е доказ за блискоста меѓу Димова и Златковски.
„Дали овој проект бил пониско рангиран од останатите кои имале повеќе бодови, меѓутоа бил одобрен поради блискоста на Димова и Златковски, која можеме да ја видиме на оваа фотографија? Лицемерно е СДС да зборува за криминал и корупција, кога тие се предвесници на криминалот и корупцијата. За СДС никогаш нема одговорност, затоа што тие купуваат судии, потплаќаат обвинители, даваат грантови на професори и нивни активисти. Затоа, народот кога ќе ја слушне кратеницата СДС, првата асоцијација им е криминал и корупција“,
додаде Манасиевски.