Се зголемија платите во здравството, образованието, социјалата, полицијата. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ
СДС се последни кои имаат основ да зборуваат за животниот стандард на граѓаните – да погледнат наназад седум години и да видат што тие направија за стандардот, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ на денешната прес-конференција на Богданка Кузеска. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Владата за само една година ги зголемила платите во повеќе области.
„Се зголемија платите во здравство, образование, социјала, полиција. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии. Дополнително, постојано има мерки кои се во насока на подобар животен стандард. За граѓаните се спроведуваат следните мерки – училишна кошничка, велигденска, рамазанска, новогодишна и слично. Во меѓувреме се работи на решение со кое ќе се намали високиот профит на производителите, дистрибутерите, или решение кое ќе води до тоа граѓаните да плаќаат реални цени за производите“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мерките се проследени и со инвестиции, намалување на јавниот долг, исплаќање редовни субвенции за земјоделците, со цена на струјата која не е покачена ниту еден процент, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Што правеше СДС седум години? Инфлацијата беше високи 20 проценти, околу 600 илјади граѓани живееја со 150 денари на ден, сметките за струја се зголемуваа, јавниот долг беше над 60 проценти, додека инвестициите најавувани од Зоран Заев останаа само во неговата глава. Заев не ги реализираше инвестициите, ама затоа со другарот Венко Филипче, кој го стави да ја води СДС во пропаст, никако не пропуштаат луксузирања за викенд или одмори. Освен луксузните викенди и одмори, си купуваат авиокомпании, градат низ светот и сето тоа со украдени пари од народот“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од СДСМ обвинија дека животниот стандард на граѓаните од месец во месец постојано се намалува, a власта одбива да ја зголеми минималната плата.