Народот врзвува крај со крај ,а власта се луксузира со манго, папаја, луксузни патувања со приватни авиони. Потребни се итни мерки за раст на платите, намалување на трошоците за живот и вистинска грижа за стандардот на граѓаните, порача Кузеска
Животниот стандард на граѓаните од месец во месец постојано се намалува, a власта одбива да ја зголеми минималната плата, обвинуваат од СДСМ. Најновите податоци за синдикалната кошничка и зголемувањето на трошоците за живот, според портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, се резултат на промашени економски политики на владејчката ВМРО-ДПМНЕ.
„Во исто време платите стагнираат, власта упорно одбива да ја зголеми минималната плата на 500 евра, одбива да ги прифати предлозите за покачување на платите во останатите сектори. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство немаат доволно пари да ги покријат месечните трошоци. За да се покрие синдикалната кошница потребни се 2,7 минимални плати. Тоа значи дека дури и семејства со двајца вработени не можат да обезбедат пристоен живот“
вели Кузеска.

Европската статистика, како што кажа Кузеска, покажува дека дури 55% од македонските граѓани не можат да си дозволат одмор. Тоа е уште еден доказ според неа, за поразителниот стандард во кој живеат граѓаните на државата.
„Стотици илјади граѓани бројат денови до следната плата, не знаат дали ќе им стигнат пари за сметки и за храна, родители од месец во месец пресметуваат што да скратат за да преживеат. Младите наместо да планираат иднина дома, се повеќе сакаат да се иселат од државата. Куповната моќ на граѓаните за една година е намалена за над 20%, на последно место во Европа сме по куповна моќ, a Македонија е на листата на најсиромашни земји. Ова се резултатите од промашените економски политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата година. Народот врзвува крај со крај ,а власта се луксузира со манго, папаја, луксузни патувања со приватни авиони“,
додава Кузеска.
Потребни се итни мерки за раст на платите, намалување на трошоците за живот и вистинска грижа за стандардот на граѓаните, порачуваат од СДСМ.