Непријавените часовници се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски таблички
На граничниот премин со Република Србија, „Табановце – Прешево“ бил спречен обид на Србин во ранец да криумчари два часовника од марката „ролекс“ и еден часовник „омега“, со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 000 евра, соопштија од Царинската управа.

Оттаму велат дека непријавените часовници биле пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблици. Лицето кое се обидело да го шверцува, ги ставило часовниците во мала кожена кутија, која била сместена во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
„Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење. Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово“,
велат од Царинската управа.
Вчера, царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречиле обид за криумчарење 4 577 парчиња небезбедни лекови, кои биле сокриени во багажниот простор на изнајмено возило. Возилото го управувал косовски државјанин, а по деталната контрола, Одделението за истраги при Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено дело криумчарење.
Лековите, кои вклучуваат аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, биле пронајдени без оригинално пакување и без потребните дозволи и сертификати од надлежните институции.