Еден полицаец на граничниот премин „Долно Блаце“ се товари и за примање поткуп. Тој од турски државјанин побарал и примил 3 000 денари за да овозможи фиктивен влез во државата и да започне постапка за привремен престој
Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања поднесе обвинителен акт против шест полициски службеници и две други лица. Според обвинението, првообвинетиот заедно со уште две лица примиле 900 евра за да издејствуваат дозвола за привремен престој на турски државјанин кој незаконски престојувал во земјата. Полициските службеници ја злоупотребиле службената положба и прифатиле противзаконито влијание.

Еден полицаец на ГП „Долно Блаце“ се товари и за примање поткуп – од турски државјанин побарал и примил 3 000 денари за да овозможи фиктивен влез во државата и да започне постапка за привремен престој, односно тројца полициски службеници и НН лице посредувале во давањето на поткупот, при што двајца полициски службеници со патната исправа на турскиот државјанин оствариле фиктивен влез во земјава, како услов за отпочнување постапка за одобрување привремен престој.
На сличен начин, на друг странски државјанин му било овозможено да ја напушти Македонија без да биде евидентиран и без да плати казна за незаконски престој, со што бил оштетен државниот буџет.
„Имајќи предвид дека согласно одредбите од Законот за странци незаконскиот престој е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, обвинетите со своите дејствија го оштетиле и Буџетот на РСМ“,
велат од Обвинителство.
Дополнително, виш инспектор за странци и реадмисија е обвинет дека во периодот од јули 2023 до април 2024 година незаконски одобрил привремен престој за седум државјани на Бангладеш и Непал, иако постоеле негативни безбедносни процени од АНБ.
„Во текот на истражната постапка се обезбедени и докази според кои обвинетиот од јули минатата година до април годинава со умисла искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и за седуммина прибавил корист – право на привремен престој во РСМ“,
велат оттаму.
Истражната постапка започна во мај годинава, кога беа приведени единаесет лица, од кои седум полицајци. Против едно лице постапката е запрена, против друго е отфрлена пријавата, додека едно лице е во екстрадиционен притвор во Србија, а по едно е распишана меѓународна потерница.