Лажната дојава за бомба во авионот кој требаше да полета за Турција, се случи на 16 август. Аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, исто така, беа одложени
26-годишен скопјанец е лишен од слобода поради лажна дојава за бомба во авион кој требало да полета од скопскиот аеродром. Настанот се случи на 16 август, кога околу 2 часот по полноќ во полиција било пријавено дека е поставена бомба во авионот кој требаше да полета кон Турција. Аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, исто така, беа одложени додека не завршија антитерористичките проверки.
Од МВР информираат дека против лицето е поднесена кривична пријава за тероризам.
„При преземањето мерки, на 20.08.2025, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С. А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода. Во службен разговор во полициска станица тој го признал делото“,
велат од МВР.

Од Обвинителството за организиран криминал информираа дека постапуваат по кривичната пријава од МВР и дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за тероризам.
„Веднаш по приемот на заканата од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам биле активирани протоколите за антитерористичка проверка и по неколкучасовна проверка е утврдено дека станува збор за лажна пријава. Осомничениот со својата постапка создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај“
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Јавниот обвинител доставил предлог за определување на мерка притвор против осомничениот со образложение дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот.