„Смета ли Мицкоски навистина дека граѓаните не гледаат што се случува? Дека ќе поверуваат дека нема корупција, додека институциите се претвораат во партиски испостави? Дека ќе поверуваат во реформи, додека најважните ветувања од програмата останаа на хартија?“, се вели во дел од реакцијата на опозициската партија на денешните изјави на премиерот
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) попладнево упати реакција на изјавите што премиерот Христијан Мицкоски денеска ги даде во Кочани, каде одговарајќи на новинарски прашања, меѓу другото, кажа дека владата функционира стабилно и е посветена на спроведување реформи.

Според СДСМ, ваквите изјави на премиерот не се, како што велат, ништо друго освен обид да се прикрие растечкиот страв од падот на рејтингот и гневот кој се акумулира кај граѓаните поради неспособноста и хаосот што го создала оваа власт.
„Смета ли Мицкоски навистина дека граѓаните не гледаат што се случува? Дека ќе поверуваат дека нема корупција, додека институциите се претвораат во партиски испостави? Дека ќе поверуваат во реформи, додека најважните ветувања од програмата останаа на хартија?“,
се вели во реакцијата на опозициската партија.
Оттаму додаваат дека владата и партиите што партиципираат во неа нема со што да се пофалат, па сега преку лажна помпа се обидуваат да го деморализираат народот да ги казни на изборите.
„Попусто се обидува Мицкоски да создаде илузија на поддршка која одамна ја нема. Вистината е болна за ВМРО-ДПМНЕ, по само една година владеење, народот е разочаран, ветените промени не постојат, а секојдневието на граѓаните е сè потешко. Гледаме институционален хаос, партизација без срам, нула реформи во правдата, афери без разрешница и молк за сите скандали кои ги тресат институциите. Во ваква состојба, Мицкоски може да повторува колку сака дека нема корупција и дека владата функционира стабилно, но народот не живее во наративот на премиерот, туку во реалноста што ја создаде неговата неспособна влада. И таа реалност е сурова“,
велат од „Бихаќка“.
На крајот, од СДСМ повторуваат дека изјавите на премиерот не се одраз на сила, туку одраз на паника поради изгубената доверба, растечкото незадоволство и сè појасната порака од граѓаните дека ова не е промената што ја очекувале.
Премиерот, кој денеска беше во Кочани на отворање на нова хала на компанијата „Амфенол“, одговарајќи на новинаркси прашања поврзани со актуелните политички случувања во пресрет на локалните избори, меѓу другото, рече дека неговата партија наскоро ќе излезе со имињата на кандидатите за градоначалници онаму каде што се правеле дополнителни анализи и мерења, а според него е јасно кој ќе биде апсолутен победник на локалните избори што претстојат.
„Мислам дека јасен е победникот на овие локални избори, а тоа е владиното мнозинство, така што ние продолжуваме по патеката на реформи, испорака за граѓаните, чесна, напорна, посветена работа… Еве, веќе 14 месеци оваа влада стабилно функционира, јавноста може да види дека тоа што во минатото значеше корупција, криминал на дневна основа, тоа веќе не е пракса, односно воопшто нема таков тип на девијантно однесување“,
кажа премиерот.