Тој посочи дека ваквите тврдења се конструкција и обид за манипулација од одредени кругови кои не ѝ мислат добро на Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека рудникот „Казандол“ нема повторно да се активира откако Македонија го доби арбитражниот спор со дел од инвеститорите во рудникот.
„Сопствениците на инвестицијата во ‘Казандол’ го изгубија спорот и побарувањето од 115 милиони евра отштета. Тоа значи дека тие веќе немаат концесија. Не е вистина дека со ова што компанијата изгубила сега веќе ќе има отворање на рудникот“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека ваквите тврдења се конструкција и обид за манипулација од одредени кругови кои не ѝ мислат добро на Македонија.
Премиерот нагласи дека ова е втора арбитража што владата ја добива и дека очекуваат уште најмалку две во наредниот период.
Според него, треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега истите тие се добиваат.
„Симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи како по правило, а сега ги добиваме. Во случајов станува збор за арбитража која вредеше околу 115 милиони евра. Толку беше тужбеното барање на спротивната страна која што беше побарување од тужениот, тоа беше Македонија. Причина за оваа арбитража беше раскинатата концесија за формирање на рудникот ’Казан дол’“,
рече Мицкоски.
Претходно денеска владината портпаролка Марија Митева рече дека победата во арбитражниот спор за „Казандол“ не е само правен успех, туку доказ дека кога се настапува со посветеност и сериозна работа, државата може да ги добива споровите.
Митева рече дека се лажни вчерашните обвинувања од СДСМ и пратеникот Фатмир Битиќи дека случајот поврзан со спорот со инвеститорите, односно судските рочишта се затворени во 2023 година, а Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две години по завршните зборови и оти ВМРО-ДПМНЕ е партијата која дала концесија на инвеститорите за изградба на рудникот во Валандовско.
Вчера министерот за транспорт Александар Николоски информира дека Македонија успеа да заштеди 115 милиони евра откако го доби арбитражниот спор со дел од инвеститорите во рудникот „Казандол“ во Валандово.