Лековите, кои вклучуваат аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали биле пронајдени без оригинално пакување и без потребните дозволи и сертификати од надлежните институции

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречиле обид за криумчарење на 4 577 парчиња небезбедни лекови, кои биле сокриени во багажниот простор на изнајмено возило. Возилото го управувал косовски државјанин, а по деталната контрола, Одделението за истраги при Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено дело криумчарење.
Лековите, кои вклучуваат аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, биле пронајдени без оригинално пакување и без потребните дозволи и сертификати од надлежните институции.
Според Царинската управа, со цел да се избегне контрола, сторителот ги наредил во редови и ги сокрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии.
Царинската управа предупредува дека ваквиот транспорт претставува сериозен ризик по здравјето на граѓаните. Лековите кои не се соодветно декларирани, складирани и транспортирани можат да бидат ризик по здравјето.
По брзата реакција на инспекторите, од Царинската управа велат дека кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Гевгелија, кое наредило одземање на лековите.

