„Сите би сакале да видиме прекин на огнот. Не можам да замислам дека следниот состанок би можел да помине без него, па ајде да работиме на тоа и да се обидеме да извршиме притисок врз Русија“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на отворениот дел од денешниот состанок на европските лидери и украинскиот претседател со претседателот на САД, Доналд Трамп во Белата куќа
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дискусијата за безбедносните гаранции за Украина не е само прашање на една земја, туку дека станува збор за безбедноста на целиот европски континент
Столче и за Европа на масата во случај да биде договорена средба меѓу Москва, Киев и Вашингтон, безбедносни гаранции за Украина и постигнување согласност за прекин на огнот. Ова беа главните точки, односно барања кои денеска ги посочија дел од европските лидери и генералниот секретар на НАТО кои заедно со украинскиот претседател се во Вашингтон на разговори со нивниот домаќин, претседателот на САД, Доналд Трамп во врска со неговата иницијатива за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.

Своите ставови околу ова прашање тие ги соопштија на отворениот дел од самитот во Белата куќа, пред да се повлечат и да ги продолжат разговорите зад затворени врати.
Пред овој состанокот, Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски одржаа средба во Овалната соба, каде одговараа на новинарски прашања.
На отворањето на состанокот, американскиот претседател пред медиумите изјави дека досегашните разговори биле успешни и се фокусирале на „запирање на убивањето и завршување на војната во Украина“.
Тој, како и на средбата со Зеленски рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин по самитот и нагласи дека Москва се согласила да прифати безбедносни гаранции за Украина, иако спомена дека во преговорите може да стане збор и за размена на територии меѓу Русија и Украина.
Украинскиот претседател средбата со Трамп ја оцени како многу добар разговор и нагласи дека безбедноста на Украина зависи најмногу од поддршката на САД и нивните партнери.
Тој ѝ се заблагодари на американската прва дама Меланија Трамп за писмото што го испрати до Путин за прашањето за киднапираните украински деца и рече дека Киев и украинскиот народ сакаат крај на војната.
Во однос на чувствителните прашања, како што се територијалните, Зеленски кажа тие ќе се решаваат на ниво на лидери за време на трилатералниот состанок што Трамп се обидува да го организира.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони пред состанокот зад затворени врати се осврна на важноста на единството во поддршката на Киев и потсети на, како што кажа, храброста на Украинците во нивните напори за запирање на руските напредувања на фронтот. Таа истакна дека првиот дел од разговорите ќе биде посветен на безбедносните гаранции и заклучи дека е задоволна што преговорите почнуваат да се градат врз предлог што потсетува на Членот 5 на НАТО.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека „патот кон мирот е отворен“, но дека следниот чекор треба да биде прекин на огнот. Тој му се заблагодари на Трамп и рече дека минатонеделната средба со Путин на Алјаска го отворила патот кон мирот, но оти сега следат комплицирани преговори.
„Сите би сакале да видиме прекин на огнот. Не можам да замислам дека следниот состанок би можел да помине без него, па ајде да работиме на тоа и да се обидеме да извршиме притисок врз Русија“,
рече Мерц.
На неговите повик, Трамп одговори оти при запирањето на други конфликти прекин на огнот не бил неопходен. Сепак, како што додаде со задоволство ќе го прифати доколку е потребно.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го пофали Трамп за „прекинување на ќорсокакот“ со Путин и отворањето на дијалог со рускиот претседател.
„Ако добро го одиграме ова, би можеле да ја завршиме војната“,
рече Руте, нагласувајќи дека подготвеноста на Трамп да учествува во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина е клучна.
Руте рече дека тоа би бил голем чекор и пробив во напорите за ставање крај на војната. Трамп на ова одговори дека земјите-членки на НАТО ги зголемиле своите трошоци за одбрана од два на пет проценти од БДП и дека овој износ „всушност се исплаќа“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, ја поздрави подготвеноста на САД за безбедносни гаранции.
„Многу е добро да се слушне дека работиме на безбедносни гаранции, слични на Член 5 од НАТО“,
рече Фон дер Лајен, потсетувајќи на принципот дека нападот врз една членка на Алијансата е напад врз сите.
Финскиот претседател Александар Стаб го пофали напредокот што, како што кажа, го постигнал Трамп во разговорите за ставање крај на војната и посочи на симболичната природа на средбата за да разговараат за безбедносните гаранции за Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека главните европски сојузници на Украина се подготвени да се заложат за да ја осигураат безбедноста на Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека дискусијата за безбедносните гаранции за Украина не е само прашање на една земја.
„Станува збор за безбедноста на целиот европски континент“,
рече Макрон.
Тој потсети на пораката на канцеларот Мерц дека прекинот на огнот е неопходност, додавајќи дека сите собрани лидери ја поддржуваат оваа идеја. Францускиот претседател во таа насока рече дека гаранциите ќе вклучуваат силна украинска армија во годините и децениите што доаѓаат, со заедничка посветеност од европските и американските партнери за градење трајна безбедност.
Инаку, како што пренесе Си-ен-ен, пред мултилатералниот состанок во Белата куќа претседателот Доналд Трамп беше „фатен“ на вклулен микрофон како доверливо му шепнува на Макрон дека рускиот претседател сака постигне решение за војната со него (Трамп).
„Мислам дека сака да склучи договор. Мислам дека сака да склучи договор со мене. Го разбираш ли тоа? Колку и да звучи лудо“,
му вели доверливо Трамп на својот француски колега.
Дополнително се слуша и како американскиот претседател зборува за закажување трилатерален состанок меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, за кој Трамп изјави оти верува дека ќе се случи.
Trump on a hot mic on Putin: "I think he wants to make a deal for me. Do you understand? As crazy as it sounds." pic.twitter.com/lshkxtJ3Qm
— Aaron Rupar (@atrupar) August 18, 2025
Претходно на средбата со Зеленски во Овалната соба, Трамп кажа дека е постигнат значителен напредок во неговите напори за ставање крај на конфликтот во Украина на повеќе нивоа, без да сподели поконкренти детали.
Одговарајќи на новинарските прашања, тој не ја исклучи можноста од испраќање на американски војници во Украина, во контекст на мировните гаранации, но сепак нагласи дека во таа насока Европа би ја имала главната улога, додека Соединетите Американски Држави би биле вклучени.
Украинскиот претседател, пак, изјави дека Киев е подготвен да бара дипломатски пат за завршување на војната. Тој додаде дека ја поддржува идејата на претседателот Трамп за трилатерален самит со рускиот претседател Владимир Путин, на кој би се разговарало за завршување на војната.
Средбата меѓу Трамп, Зеленски и европските лидери доаѓа по онаа меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ во близина на Енкориџ на Алјаска што се одржа минатата недела. Трамп на прес-конференција по средбата со неговиот руски колега рече дека е постигнат „голем напредок“, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната.