„И понату најголем проблем претставува пожарот во ‘Јасен’. Таму заврнал ситен дожд, но не бил доволен за гаснење на овој пожар“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС

Осум пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денот, рече во изјава снимена денеска попладне директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека од нив три се активни, а еден е ставен под контрола. Дождот што заврнал во некои делови на државата не бил доволен да ги изгаси пожарите.
„И понату најголем проблем претставува пожарот во ‘Јасен’. Таму заврнал ситен дожд, но не бил доволен за гаснење на овој пожар. Рано утрово со дејство на пожарот кај ‘Јасен’ започнаа два ‘ертрактори’ кои дејствуваа подолго време со прецизно фрлање вода врз еден крај, со што спречија ширење на огнот кон страната на селото Брезница“,
изјави Ангелов.
Вториот активен пожар е на територијата на Општина Липково, во атарот на селото Лојане, што избил во текот на вчерашниот ден. Овој пожар бил ставен под контрола, но повторно се разгорел.
Третиот активен пожар е на територијата на Општина Студеничани. Овој пожар избувнал денеска кај селата Трчевица и Цветово, каде што горат ниска вегетација, мешана шума и трева.
Под контрола е пожарот што изби во атарот на селото Јажинце во Општина Јегуновце.
Ангелов рече дека во попладневните и вечерните часови очекува поголема количина дожд, што треба да помогне во гаснењето на сите пожари во државата.