Претседателката рече и оти природата на војната многу брзо се менува, а галопирачката трка во вооружувањето диктира поголема потреба за инвестиции во делот на одбраната
Важноста на самоодржливоста никогаш не била поголема, а блокадата на евроинтеграциите, вклучувајќи ја нашата, добива на димензија и карактер на сериозен безбедносен ризик за целиот Западен Балкан, но и за Европската Унија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на Централната свеченост по повод Денот на Армијата, која се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Претседателката рече и оти природата на војната забрзано се менува, а галопирачката трка во вооружувањето диктира поголеми инвестиции во одбраната, а говорејќи за македонската армија, рече оти од прогласувањето на независноста во 1991 година до денес тие се гарант на мирот и одбраната, а истовремено и поддршка на институциите и граѓаните во справувањето со кризи, пожари и поплави.
„Нашата Армија е столб на стабилноста и мирот. Таа професионално и пожртвувано ја исполнува својата мисија и затоа ужива највисока доверба кај граѓаните“,
рече Сиљановска-Давкова.
Дополнително, кажа и оти институциите треба да размислуваат за долгорочни проекти што ќе обезбедат самоодржливост на одбраната, не само во мир, туку и во услови на потенцијален конфликт.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање истакна дека Армијата одбележува 33 години континуиран напредок и заштита на татковината.
„За тоа што сме денес – организирана, високопрофесионална и почитувана армија – сакам да им се заблагодарам на сите мажи и жени во униформа. Инвестициите во одбраната се гледаат на дело, а ние сме силно посветени на натамошно зајакнување на одбранбените капацитети согласно обврските од НАТО“,
кажа Мисајловски.

Мисајловски говореше и за модернизацијата на армијата, и во однос на опремата за војниците, но и за новите лесни оклопни и инженериски возила, во новите артилериски орудија „боран“ кои неодамна беа промовирани токму во Штип. Министерот рече дека во финална фаза е процесот за вработување на нови 300 професионални војници.
На свеченоста, покрај претседателката и министерот за одбрана, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Построени беа и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери кои неодамна ги завршија школувањето и обуката, а претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги.