Новите сведоштва потврдуваат дека гладот и болестите не се несакани последици од воените дејствија, туку свесно создадени услови за физичко уништување на населението, се наведува во извештајот
Израел води кампања на изгладнување во Појасот Газа, со цел систематско уништување на палестинскиот народ, велат од невладината организација „Амнести интернешнл“. Во извештајот објавен денеска од организацијата истакнуваат дека новите сведоштва потврдуваат дека гладот и болестите не се несакани последици од воените дејствија, туку свесно создадени услови за физичко уништување на населението, што според нив е дел од тековен геноцид.
Според извештајот, најпогодени се децата, старите, лицата со попреченост и хронично болните. Над 110 деца починале од последици предизвикани од неухранетост, а илјадници други страдаат од глад.

„Додека израелските власти се закануваат дека ќе започнат целосна копнена инвазија на градот Газа, сведоштвата што ги собравме се многу повеќе од извештаи за страдање, тие се остро обвинение за меѓународен систем кој му дава на Израел дозвола да ги мачи Палестинците со речиси целосна неказнивост со децении“,
вели директорката за истражување, застапување, политика и кампањи на „Аменсти интернешнл“, Ерика Гевара Росас.
Од организацијата бараат траен прекин на огнот и слободен пристап за хуманитарна помош. Предупредуваат дека тековната состојба во Газа е катастрофа создадена од човек и тежок удар врз човечкото достоинство.
„Влијанието на израелската блокада и тековниот геноцид врз цивилите – особено врз децата, лицата со попреченост, хронично болните, старите лица, трудниците и доилките е катастрофално и не може да се исправи само со зголемување на бројот на камиони со помош или враќање на симболични, неефективни и опасни воздушни испораки на хуманитарна помош“,
потенцира Гевара Росас.