Досегашната претседателка на Советот на Општината Битола вели оти ќе настапи како независен кандидат и побара поддршка од граѓаните за, како што напиша, ставање крај на партиското уништување на Битола кое трае триесетина години
Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ објави дека влегува во градоначалничката трка во Битола како независен кандидат.

Таа на социјалните мрежи ги повика жителите на Општина Битола, без разлика на нивната партија и нивните политички преференции, а кои сакаат да живеат во поубава, почиста, непартиска и независна Битола, да ѝ ја дадат поддршката за заедно да го запрат партиското уништување на Битола кое, како што вели, трае триесетина години.
„Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните четири години“,
напиша таа.
Дополнително, вели дека таа не располага со многу пари за кампања, маркетинг или, пак, за плаќање набљудувачи и „гласови“, но затоа има храброст, знаење, интегритет, чесност и достоинство да излезе против сите оние што досега единствено ја краделе Битола.
„Време е Битола да биди независна! Време е сите ние ДА СИ ЈА ВРАТИМЕ БИТОЛА! Еден за сите, сите за БИТОЛА! Битола на граѓаните! И ќе победиме“,
заклучи Илиевска.
Габриела Илиевска од независната група на советници „Поинаку“ досега беше независен член во Советот на Општина Битола, а во последниот мандат беше и претседателка на Советот.