Активистите од ЗХГ коменираат дека прагот од 0,95 отсто практично значи дека бројот на потписи што е потребен за некој да добие право да учествува на изборите во Град Скопје, како дел од независна листа, е приближно ист со бројот на гласови што на претходните локални избори беа потребни за да се освои советничко место

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) објави дека продолжува да собира потписи за формирање политичка партија поради, како што велат, обидите за исклучување на граѓаните од политичкиот живот.
ЗХГ се огласи по вчерашното гласање во Собранието за измените на Изборниот законик, со кои првично се предвидуваше праг од 0,95 отсто потписи од запишаните избирачиво една општина за кандидирање независна листа, а потоа со амандман тој се намали на 0,5 отсто. Предложените измени сепак не поминаа откако ДУИ беше против во гласањето според Бадентер.
Активистите од ЗХГ коменираат дека прагот од 0,95 отсто практично значи дека бројот на потписи што е потребен за некој да добие право да учествува на изборите во Град Скопје, како дел од независна листа, е приближно ист со бројот на гласови што на претходните локални избори беа потребни за да се освои советничко место.
„Измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето. Ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор“,
велат од ЗХГ во објава на нивната фејсбук-страница.
Од иницијативата додаваат дека до вчера наутро им биле потребни уште 500 потписи за да формираат партија.
„ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животната средина, животните и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните“,
додаваат од ЗХГ.
Тие на социјалните мрежи имаат дадено упатстава каде, како и што се е потребно за да се дадат потписи.
ЗХГ почна со собирање потписи за формирање политичка партија и покрај изјавата на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, дека „согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран“.
Тој додаде дека на локалните избори ќе може да учествуваат и независни (непартиски) кандидати за градоначалници и листи за советници без граѓански потписи.
Кондарко ова го кажа давајќи појаснување на еден од заклучоците усвоени на седница на ДИК, со кој надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи, а кој е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите.
Оттаму рекоа дека право на автентично толкување има само Собранието, а не и ДИК. Тие стравуваат дека се можни нови, како што велат, бирократски лавиринти кои би имале за цел да им оневозможат на независните листи да учествуваат на претстојните локални избори.
Затоа рекоа дека ќе продолжат со процесот на формирање партија за да не се најдат во ситуација во која повторно во последен момент ќе се појави некое ново правило или ќе се изгласа некоја нова измена на Изборниот законик за да не може да настапат на изборите.