Причината за пожарот не е прецизирана и не е познато што точно се произведувало во таа фабрика

Во експлозија во фабрика во рускиот регион Рјазан загинаа 11 лица, а повредени се 130, објави руското Министерство за вонредни ситуации.
Министерството во соопштение на Телеграм изјави дека спасувачите сè уште ги пребаруваат урнатините на местото на несреќата, што се наоѓа на околу 320 километри југоисточно од Москва.
На местото на несреќата, како што велат од министерството, биле распоредени повеќе од 360 спасувачи и 90 единици опрема, а покрај пожарникарски и спасувачки екипи, на терен се и екипи на психолози од Министерството.
„Спасувачите рачно и со опрема ги расчистуваат урнатините, плочите и го отстрануваат градежниот отпад. Тимовите со кучиња на Министерството за вонредни ситуации на Русија продолжуваат да ги испитуваат уништените објекти“,
се додава во објавата.
Гувернерот на регионот Рјазан, Павел Малков, изјави дека несреќата е предизвикана од пожар што избувнал во работилница во фабриката.
Светските медиуми пренесуваат дека причината за пожарот не е прецизирана и не е познато што точно се произведувало во таа фабрика.
Украинските дронови претходно ја таргетирале воената и економската инфраструктура во регионот Рјазан, каде во јануари годинава со дронови се погодени голема рафинерија за нафта и електрана.
Некои руски медиуми велат дека експлозијата е предизвикана од палење барут.