Во партиските соопштенија, објавени и на нивните страници на Фејсбук, може да се прочита дека има напуштање на партиски членови и на политички партии кои се дел од коалициите

Демократската унија за интеграција и ВЛЕН денеска преку партиски соопштенија се обвинуваат дека и едната и другата коалиција се „распаѓаат“.
Во партиските соопштенија, објавени и на нивните страници на Фејсбук, може да се прочита дека има напуштање на партиски членови и на политички партии кои се дел од коалициите.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) велат дека има секојдневни напушања на структурите на ВЛЕН во сите општини и оти поради тоа коалицијата ВЛЕН и вицепремиерот Изет Меџити се во паника.
„Оваа состојба е последица на лагите кон Албанците, личните профити и напуштањето на националните позиции заради тесни интереси на Меџити и неговиот тесен круг“,
се вели во соопштението испратено од ДУИ.
Од партијата велат дека казната за овие политики од страна на граѓаните ќе дојде многу скоро.
„Никој нема право да ја ослабува позицијата на Албанците во државата и да се обидува политички да ги асимилира, како што тоа го прави ВЛЕН. Оваа коалиција е неуспешен експеримент за поделба на албанското политичко ткиво, создадена од структури кои не им мислат добро на Албанците и сакаат да ги контролираат. Ревизионизмот на правата на Албанците и другите заедници нема да помине – референдумот во октомври ќе им покаже каде им е местото“,
велат од ДУИ.
Оттаму додаваат дека Националната алијанса за интеграција се шири и оти народот е со неа и секојдневно расте, што, како што велат, може да се види од анкетите објавени од кредибилни институции.
„И тие ги знаат резултатите. Токму затоа ВЛЕН секојдневно се обидува да ја напаѓа нашата коалиција со поддршка на просрпската пропаганда на нивниот пријател Стоилковиќ – но без успех“,
се додава во соопштението од ДУИ.
Претходно обвинување стигна и од ВЛЕН, од каде велат дека „Европскиот фронт“ на ДУИ се распаѓа посочувајќи оти две од најзначајните партии што на парламентарните избори беа дел од оваа коалиција, Демократската партија на Турците (ДПТ) и Демократската партија на Албанците (ДПА), веќе не се со нив.
„ДУИ ја доживува најголемата политичка ерозија од формирањето на т.н. ‘Европски фронт’. На 14 август ДПТ официјално објави дека ја напушта коалицијата ‘Европски фронт’ и оти на локалните избори на 19 октомври нема да настапи со ДУИ. Оваа одлука значи дека турската заедница, која во март 2024 година беше вовлечена во фронтот на Али Ахмети, сега се дистанцира и избира свој пат“,
велат од ВЛЕН.
Само еден ден подоцна, додаваат оттаму, ДПА јавно соопшти дека преговорите со Али Ахмети пропаднале и дека ДПА нема да настапи заедно со ДУИ, ниту ќе биде дел од каков било заеднички договор.
„Ова се факти кои покажуваат дека ДУИ губи поддршка од партиите што ја носеа на парламентарните избори. Веќе е јасно дека ДУИ ниту може да обедини, ниту може да победи. Од ДУИ бегаат сите кои не се уценети од Али Ахмети, сите кои не сакаат да бидат во друштво на корумпирани политичари и сите кои не сакаат да бидат дел од погрешната политика“,
додаваат од ВЛЕН.
Според нив, ДУИ одамна го изгубила кредибилитетот кај граѓаните, а сега го губи и меѓу своите партнери. „Европскиот фронт“, велат од ВЛЕН, кој се продаваше како обединувачка сила, денес е симбол на распад, недоверба и политичка слабост.