Во соопштението се нагласува дека Украина мора да има цврсти безбедносни гаранции за ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Лидерите ја поздравија изјавата на претседателот Трамп дека САД се подготвени да дадат безбедносни гаранции

Европските лидери ги поздравија напорите на претседателот Трамп да ги запре убиствата во Украина, да ја прекине агресивната војна на Русија и да постигне праведен и траен мир. Ова е истакнато во заедничката изјава од повеќе лидери на европски држави и институции по повод средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, што ја објави Европскиот совет.
Изјавата е потпишана од францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Страмер, финскиот претседател Александар Стуб, полскиот премиер Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Како што рече претседателот Трамп, нема договор додека нема договор. Како што замисли претседателот Трамп, следниот чекор сега мора да бидат понатамошни разговори, вклучувајќи го и претседателот Зеленски, со кого ќе се сретне наскоро. Исто така, сме подготвени да работиме со претседателот Трамп и претседателот Зеленски кон трилатерален самит со европска поддршка“,
се вели во изјавата.
Во соопштението се нагласува дека Украина мора да има цврсти безбедносни гаранции за ефикасно да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Лидерите ја поздравија изјавата на претседателот Трамп дека САД се подготвени да дадат безбедносни гаранции.
„Коалицијата на волјата е подготвена да игра активна улога. Не треба да се поставуваат никакви ограничувања врз вооружените сили на Украина или врз нејзината соработка со трети земји. Русија не може да има вето против патот на Украина кон ЕУ и НАТО. Од Украина ќе зависи донесувањето одлуки за нејзината територија. Меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила“,
се додава во изјавата.
Европските политичари нагласија дека нивната поддршка за Украина ќе продолжи и дека се решени да направат повеќе за да ја одржат Украина силна, со цел да се постигне крај на борбите и праведен и траен мир.
„Додека убивањето во Украина продолжува, ние сме подготвени да го одржиме притисокот врз Русија. Ќе продолжиме да ги зајакнуваме санкциите и пошироките економски мерки за да извршиме притисок врз воената економија на Русија сè додека не се воспостави праведен и траен мир. Украина може да смета на нашата непоколеблива солидарност додека работиме кон мир што ги штити виталните безбедносни интереси на Украина и Европа“,
пишува во соопштението.
Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин се одржа синоќа во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ во близина на Енкориџ, Алјаска. По тричасовната средба, Трамп на прес-конфернција рече дека е постигнат „голем напредок“ на неговата средба со Путин, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина.
По средбата, во авионот додека се враќал за Вашингтон, Трамп имал телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на НАТО.
По овој разговор, Зеленски најави дека во понеделник ќе се сретне со Трамп во Вашингтон, а потврда за средбата стигна и од американскиот претседател.