Зеленски потврдува и дека по завршувањето на средбата меѓу Трамп и Владимир Путин имал телефонски разговор со американскиот претседател, кој траел повеќе од час и половина и на кој потврдил дека Украина е подготвена да работи со максимални напори за постигнување мир

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека планира во понеделник да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
„Во понеделник ќе се сретнам со претседателот Трамп во Вашингтон, за да разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната. Благодарен сум за поканата. Украина ја потврдува својата подготвеност да работи со максимални напори за постигнување мир“,
вели Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Тој додава дека Украина го поддржува предлогот на Трамп за трилатерален состанок меѓу Украина, САД и Русија.
„Украина нагласува дека клучните прашања можат да се дискутираат на ниво на лидери, а трилатералниот формат е соодветен за ова“,
додаде тој.
Зеленски потврдува и дека по завршувањето на средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, имал телефонски разговор со американскиот претседател кој траел повеќе од час и половина.
„Имавме долг и суштински разговор со претседателот Доналд Трамп. Започнавме со разговори еден на еден пред да ги поканиме европските лидери да ни се придружат. Овој повик траеше повеќе од еден и пол час, вклучувајќи околу еден час од нашиот билатерален разговор со претседателот Трамп“,
пишува Зеленски.
Во разговорот, додава тој, потврдил дека Украина е подготвена да работи со максимални напори за постигнување мир.
„Претседателот Трамп информира за неговата средба со рускиот лидер и за главните точки на нивната дискусија. Важно е силата на Америка да влијае врз развојот на ситуацијата“,
додава Зеленски.
Според Зеленски, важно е европските лидери да бидат вклучени во секоја фаза за да се обезбедат сигурни безбедносни гаранции заедно со Америка.
„Разговаравме и за позитивните сигнали од американската страна во врска со учеството во гарантирањето на безбедноста на Украина. Продолжуваме да ги координираме нашите ставови со сите партнери. Им благодарам на сите што помагаат“,
вели Зеленски.
Потврда за разговорот меѓу Трамп и Зеленски има и од Белата куќа. Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, вели дека Трамп имал „долг“ разговор со украинскиот претседател Зеленски кој се одвивал од авионот додека се враќал назад кон Вашингтон. Таа вели и дека имал телефонски разговор и со лидерите на НАТО.
Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин се одржа синоќа во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“ во близина на Енкориџ, Алјаска. По тричасовната средба, Трамп на прес-конфернција рече дека е постигнат „голем напредок“ на неговата средба со Путин, но призна дека не е постигнат договор за прекин на војната на Русија против Украина.
Тој посочи дека сега е до Володимир Зеленски да „го заврши тоа“ и дека ќе се закаже состанок меѓу украинскиот претседател и Путин, на кој Трамп би можел да присуствува.
Путин рече декасе согласува оти безбедноста на Украина мора да биде гарантирана – но исто така рече дека „причините за коренот на конфликтот“ мора да се решат.