Еден од пријавените по насоки на јавен обвинител е лишен од слобода за обезбедување дополнителни докази
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против седум лица за „местење“ фудбалски натрпевар меѓу ФК Башкими и ФК Кожуф. Станува збор за фудбалскиот натпревар одигран на 6 мај 2025 во Гевгелија, кој заврши со резултат 1:2 во корист на Башкими. Исходот од натпреварот, според истрагата, бил однапред договорен, односно претседателот на клубот Башкими дал 10 илјади евра за Кожуф да загуби.
„Првопријавениот Б. Х. во својство на претседател на ФК Башкими, со намера за својот фудбалски клуб да оствари пласман во Првата македонска фудбалска лига или бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига, на фудбалски натпревар одигран на 06.05.2025 во Гевгелија помеѓу екипите на ФК Кожуф и ФК Башкими, ги довел во заблуда Фудбалската федерација на Македонија и останатите клубови – членки на федерацијата и ги држел и одржувал во заблуда со прикривање на факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортската игра, со неовластено давање на подароци на второпријавениот П. Ѓ. со намера истиот да ги запостави интересите на ФК Кожуф и Фудбалската федерација на Македонија, што го организирала натпреварот, за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар“,
се наведува во соопштението од МВР.
Кривичните пријави, како што соопшти МВР, се поднесени откако бил извршен претрес на две локации кај второпријавениот П. Ѓ. , спортски директор на ФК Кожуф и по спроведена предистражна постапка, а по насоки на ОЈО Гевгелија.

Поткупот, како што се наведува, се одвивал на состанок на кој присуствувале претседателите на двата клуба, како и еден фудбалер на ФК Башкими, кој посредувал да се одржи средбата. Освен против овие три лица, кривични пријави се поднесени и против тренерот и тројца фудбалери на ФК Кожуф.
„Второпријавениот се согласил да прими и примил подарок од првопријавениот – пари во вредност од 10 000 евра, за себе и други лица. П. Ѓ., пак, по примањето на наградата, преку С. Г. влијаел врз Б. К., Ј. П. и К. С., кои прифатиле да не покажат доволно ангажирање на натпреварот согласно со нивните спортски можности и фудбалската игра, запоставувајќи ги интересите на ФК Кожуф, а во корист на ФК Башкими, со што на натпреварот бил постигнат резултат 1:2 во корист на ФК Башкими и со така освоените три бода им овозможиле на ФК Башкими да се пласираат на третото место во Втората македонска фудбалска лига, со што се стекнале со можност да играат во бараж за пласман во Првата македонска фудбалска лига“,
додаваат од МВР.
Еден од пријавените по насоки на јавен обвинител е лишен од слобода за обезбедување дополнителни докази и спроведен во ОЈО Гевгелија за натамошна постапка.