Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавената во периодот од 6 до 13 август годинава незаконски ги скрила службените печати на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар

ОВР Демир Хисар денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против 57-годишната М. Ј. од Демир Хисар. Таа е обвинета за сторено кривично дело одземање или уништување службен печат или спис, според член 390 од Кривичниот законик.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавената во периодот од 6 до 13 август годинава незаконски ги скрила службените печати на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар. Со ова, печатите станале неупотребливи и новоименуваната в.д. директорка, 43-годишната Ј. Д., не можела да раководи со нив.
Ј. Д. беше назначена на функцијата на 5 август 2025 година со одлука на Општина Демир Хисар.
Инаку, директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, беше разрешена по решение добиено од Државниот просветен инспекторат, во кое градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, вели дека било наведено оти требало да постапи веднаш и без одлагање за нерегуларности кои ги утврдил Инспекторатот во учебната 2023-2024 година.
Вечерта на 8 август полицијата изврши претрес во училиштето и во домот на Лозановска, а случајот го привлече вниманието на јавноста откако на социјалните мрежи беше објавено видео од претресот, каде началникот на полицијата инсистира таа на носилки да биде спроведена на информативен разговор.
Против началникот е поведена дисциплинска постапка, а од МВР најавија негово разрешување.