Известувањето од МВР следува по реакцијата на Ивановска, која кажа дека истиот ден откако ја објави својата кандидатура за градоначалник на Центар, полицијата затропала на нејзината врата за да ѝ врачи кривична пријава
Во врска со случајот со поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека против неа не води никаква постапка, велат од МВР. Известувањето следува по реакцијата на Ивановска, која кажа дека истиот ден откако ја објави својата кандидатура за градоначалник на Центар, полицијата затропала на нејзината врата за да ѝ врачи кривична пријава.
„За сите пријави и постапки коишто ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“,
велат од МВР.
Од Обвинителството претходно информираа дека станува збор за покана за испитување и оти таа на ниту еден начин не се доведува со политичките активности на Ивановска.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“,
велат од Обвинителството.
Ивановска денеска на својот фејсбук-профил информира дека 11 часа откако ја објави кандидатурата, полицајци ја побарале во нејзиниот дом за да ѝ достават кривична пријава.
„Синоќа во 20:30 ч. двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“,
вели Ивановска.