„Изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот. Реалната слика е следна, Македонија е четврта во Европа, но одзади, и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа“, велат од СДСМ

На секојдневните јавни настапи „отворајќи“ чешми и други „мегапроекти“, Мицкоски се фали со имагинарни успеси во недостиг на реални резултати кои би го подобриле животот на македонскиот граѓанин, велат од опозицискиот СДСМ.
Од партијата упатија прашање до премиерот Христијан Мицкоски – каде се инвестициите со кои се фали и му порачаа, како што велат, ако навистина постојат, наредниот пат да се потруди да ги научи напамет и да ги посочи со име бидејќи, според нив, не се премногу за да ги запамети.
„Изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот. Реалната слика е следна, Македонија е четврта во Европа, но одзади, и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа. Македонија се наоѓа на четвртото место меѓу најсиромашните европски држави, според најновите податоци за бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител. Според анализите, БДП по жител изнесува 8 751 долар, а според паритетот на куповна моќ (PPP) – 19 290 долари“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека ова е резултат, пред сè, на безидејноста на македонската влада, која ја закочи европската иднина на државата, а младите просперитетот го гледаат надвор од своето родно место.
„Само минатиот месец имаме покачување на невработеноста за 2 900 лица, а во мандатот на владата на Мицкоски имаме повеќе од 32 илјади затворени работни места. Најголем дел од овие луѓе ја напуштиле државата и си заминале по белиот свет да побараат подобра шанса за успех и просперитет. За жал, ниту еден фејк статистички податок овие млади луѓе нема да ги врати назад“,
соопшти СДСМ.
Инаку, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, објавија дека Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на бруто-домашниот производ (БДП).