Според нашите информации, измената би одела во насока на воведување нов минимален праг за т.н. независни кандидатури за градоначалници и советнички листи. Наводно, ќе биде предложено тој да изнесува 0,95 отсто од вкупниот број запишани избирачи во конкретната општина или на ниво на Град Скопје

Во Собранието се прават подготовки за итна пленарна седница на која, откако веќе се распишаа локалните избори, би се донеле измени на Изборник законик за да се регулира собирањето потписи за независни кандидатури, дознава „360 степени“ од неколку извори од парламентот.
Седницата би можело да се одржи уште во текот на утрешниот ден, иако до овој момент не е официјално закажана.
Според нашите информации, измената би одела во насока на воведување нов минимален праг за т.н. независни кандидатури за градоначалници и советнички листи. Наводно, ќе биде предложено тој да изнесува 0,95 отсто од вкупниот број запишани избирачи во конкретната општина или на ниво на Град Скопје.
Тоа е за само 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд го прогласи за неуставен.
Информациите велат дека зад ваквиот предлог стојат партеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и на СДСМ, додека од ДУИ се против поради тоа што измените не ги земаат предвид сите препораки од ОБСЕ-ОДИХР. Седницата доаѓа додека пратениците се на годишен одмор.
Од Државната изборна комисија (ДИК) деновиве соопштија дека по одлуката на Уставниот суд за укинување на членовите од Изборниот законик кои се однесуваа на прагот за независни кандидатури, ДИК ќе прифаќа непартиски кандидатури за градоначалници и листи на советници без граѓански потписи. Од Комисијата најавуваа и носење на посебно упатство на оваа тема.