„Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со Европската Унија. Апсолутно. Тоа не е цел на оваа влада. Напротив, цел на оваа влада е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска, претпоставувам таа треба да ви даде одговор. Така што, еве, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива“, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Никогаш нема да се повлечеме од преговори со Европската Унија (ЕУ), изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска во Штип одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија.
Мицкоски беше прашан што ќе значи ваквиот потег за државата и дали ќе се повлечеме од преговарачката рамка со Европската Унија.
„Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со Европската Унија. Апсолутно. Тоа не е цел на оваа влада. Напротив, цел на оваа влада е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска, претпоставувам таа треба да ви даде одговор. Така што, еве, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива“,
рече Мицкоски.
Уставниот суд завчера информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија.
Подносителот, Лилјана Поповска, во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Инаку, премиерот Мицкоски денеска присуствуваше на презентацијата на новопристигнатата опрема од Соединетите Американски Држави (САД) во касарната „Јане Сандански“ во Штип.