Опозициската Партија за слобода и правда на социјалните мрежи синоќа објави дека насилници од владејачката СНС го претепале нејзиниот пратеник Пеѓа Митровиќ на протестот во Белград

Синоќа на улиците на Србија во сите поголеми градови се одржаа нови големи протести.
Во неколку града, најмногу во Белград, демонстрантите се судрија со полицијата и поддржувачите на СНС, а полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Во Нови Сад демонстрантите демолираа неколку канцеларии на Српската напредна партија.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека за време на протестите биле повредени 42 полицајци од кои 26 во Белград, седум во Ваљево и девет во Панчево. Тој додаде и дека 37 лица биле уапсени.
„Вечерва немаше поддржувачи на СНС, вечерва полицијата беше нападната, полицијата е тука за да го заштити јавниот ред и ја нормализира ситуацијата во Белград. Што се однесува до другите места, нападите врз полицијата сè уште се во тек на осум или девет места. Најмалку 42 полицајци се повредени, претежно во Белград. Некои се сериозно повредени, имаат скршени раце и нозе, биле претепани… Досега се уапсени 37 лица“,
изјави синоќа Дачиќ.
Опозициската Партија за слобода и правда на социјалните мрежи синоќа објави дека насилници од владејачката СНС го претепале нејзиниот пратеник Пеѓа Митровиќ на протестот во Белград.
„Пратеникот на Партијата за слобода и правда Пеѓа Митровиќ, беше прегазен од насилник на Српската напредна партија. Беше удрен во главата со шипка и уште неколкупати по телото. Моментно е на пат кон болница“,
објави ССП.
Митровиќ подоцна изјави дека без причина седум или осум маскирани хулигани се нафрлиле врз него и дека, иако се претставил како пратеник, тие брутално почнале да го удираат по главата и нозете со шипки.
„Почнаа да ме малтретираат и навредуваат. Кога сфатив дека немаат поим што прават и дека работата може да оди многу далеку, се засолнив и избегав бидејќи видов дека имам работа со луѓе кои очигледно се полудени“,
рече Митровиќ.
„Кога владата слободно ги ангажира хулиганите на СНС брутално да тепаат мирни граѓани, тоа е колапс на државата. Јас не провоцирав никого, стоев мирно и протестирав, но хулиганите имаа наредба брутално да ги тепаат сите. Бев меѓу луѓето кои имаа исклучително сериозни повреди. Ова не смее да биде Србија на Вучиќ бидејќи диктатор чие владеење завршува е подготвен да употреби најстрашно насилство. Нема да избегате од одговорност, ниту вие ниту вашите фаланги“,
рече Митровиќ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа најави дека ќе има големи апсења поради немирите.