Објектот беше демолиран и полеан со црвена боја, а демострантите ги искршија и безбедносните камери
Тензично е на протестите кои вечерва се одржуваат во повеќе градови низ Србија, јавуваат српските медиуми. Демонстрантите во Нови Сад кои првично организираа собир пред Безбедносната и информативна агенција (БИА), подоцна се упатија кон просториите на Српската напредна партија каде почнаа да гаѓаат со столици, закачалки и други предмети. Објектот беше демолиран и полеан со црвена боја, а демострантите ги искршија и безбедносните камери.

Вечерва, како што пренесуваат медиумите, пред просториите на СНС немаше полиција ниту симпатизери и членови на партијата каде вчера се случи инцидент откако поддржувачите на претседателот Вучиќ ги дочекаа демонстрантите со петарди, шишиња, камења и пиротехнички средства кои ги фрлаа кон граѓаните кои протестираа.
Н1 јавува дека е тензично и на протестите во Белград каде полицијата со солзавци и димни бомби ја растерува толпата, а приврзаниците на СНС, од кај Генералштабот преку полицијата употребуваат пиротехнички средства кон демонстрантите.

Во Ниш протестот се одржува пред зградата на Градското собрание каде демонстрантите со јајца гаѓаат кон полицијата и извикуваат „Уапсете го Вучиќ“, „Спуштетете ги штитовите“.
Граѓаните кои протестираат со Студентите во блокада претходно го блокираа и сообраќајот помеѓу зградите на српската влада и поранешниот Генералштаб, како дел од протестот „Вечерва пукате по шевовите“.
Протести има во над 20 градови низ Србија. До ескалација дојде во текот на претходните два дена откако поддржувачите на СНС почнаа да испукуваат пиротехнички средства и петарди, шишиња и камења врз антивладините демонстранти кои протестираа пред просториите на владејачката партија.