Ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште, вели градоначалникот на Демир Хисар
Разрешувањето на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ е законско и се постапи по решение добиено од Државниот просветен инспекторат, вели градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, во „Тема на денот“ на ТВ Сител. Во решението, како што вели тој, се наведува дека требало да постапи веднаш и без одлагање да ја разреши директорката Маја Лозановска за нерегуларности кои ги утврдил Инспекторатот во учебната 2023-2024 година.
„Ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште. Се доставува решение во коешто се констатира дека не се остварени 158 наставни часа од годишниот фонд за редовна настава во училиштето, што значи дека по неколку наставни предмети учениците воопшто и не одржувале настава“,
вели Најдовски.
Најдовски вели немал информација дека Лозановска била на боледување, а за начинот на кој се одвивал претресот во училиштето и во нејзиниот дом не сакаше да коментира, бидејќи станувало збор за друг случај поврзан со финансиски нерегуларности.

Градоначалникот на Демир Хисар потврди дека тој и претходно се обидел да ја смени директорката на училиштето, но тогаш му биле одземени ингеренциите од Министерството за образование со кое раководеше министерот Јетон Шаќири.
Најдовски ја разреши Лозановска на 6 август и за в.д. директор ја назначи Јасмина Дамчевска.
Вечерта на 8 август полицијата изврши претрес во училиштето и во домот на Лозановска, а случајот го привлече вниманието на јавноста откако на социјалните мрежи беше објавено видео од претресот, каде началникот на полицијата инсистира таа на носилки да биде спроведена на информативен разговор.
Против началникот е поведена дисциплинска постапка, а од МВР најавија негово разрешување.