Според СДСМ, свиркачи до партијата доставиле информации дека Европската Унија не дала согласност за избор на Ана Михајлов за в.д. директорка, туку напротив од Брисел експлицитно било соопштено дека јавниот оглас е нелегитимен и дека мора веднаш да се повтори за да има нови кандидати

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) побара од Владата итно да ја разреши Ана Михајлов од позицијата в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност задолжена за „Еразмус“ и да обезбеди услови за непречена истрага од страна на Основното јавно обвинителство.
„Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во овој скандал да одговараат“,
рече претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков.
Денешните барања од СДСМ доаѓаат откако вчера од партијата објавија, како што рекоа, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека назначувањето на Михајлов за прв човек на Националната агенција која располага со парите од „Еразмус +“ е голем пораз и за образовенниот систем затоа што целосно ја урива довербата на младите во институциите.
„ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја заташка вистината, но само дополнително ја закопа Владата. Велат дека назначувањето било ’во координација’, обидувајќи се да избегнат одговор на клучното прашање: дали Европската унија дала согласност Ана Михајлов да биде избрана за в.д. директорка?“,
додаде Манасков.
Според СДСМ, свиркачи до партијата доставиле информации дека Европската Унија не дала согласност за избор на Ана Михајлов за в.д. директорка, туку напротив, од Брисел експлицитно било соопштено дека јавниот оглас е нелегитимен и дека мора веднаш да се повтори за да има нови кандидати.
„Една од причините за ова е токму кандидатурата на Ана Михајлов, која е најоспорувано лице во постапката“,
рече Манасков.
Манасков додаде дека власта, наместо да ја почитува процедурата и да побара мислење од ЕУ, ја именувала Михајлов за в.д. директорка.
Тој постави низа прашања за активностите на Ана Михајлов од 2014 до 2017 година, кога, заедно со Дорина Ѓорчева-Митровска, биле одговорни за доделување грантови.
„Дали 8 милиони евра доделени во тој период се дел од истрага за проневера на европски пари? Каква е улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата, кој е наводно ментор на Михајлов? Дали тој е посочен во извештајот на ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера? Каква е поврзаноста на фирмите ’Силвер Лион Сервисес’ и ’Агронимија Органика’ со мрежата на сомнителни тендери идентификувани од ОЛАФ? Во чии џебови завршиле овие осум милиони евра?“,
се прашањата на кои Манасков побара одговор.
Одговорите на овие прашања, рече Манасков, го откриваат вистинскиот мотив зошто Ана Михајлов е назначена за в.д. директорка, иако е дел од истрагата на ОЛАФ.
„За злоупотреби нема место во образовниот систем. Одговорност мора да има“,
кажа Манасков.
Од СДСМ вчера рекоа дека назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија.
Од партијата покажаа официјален извештај на ОЛАФ од 2023 година, кој наводно укажува на основано сомневање за злоупотреба на над два милиони евра, во периодот на претходната влада на режимот на Груевски, кој почнува од 2016 година.
По изнесување на обвинувањата од СДСМ, од Министерството за образование и наука информираа дека министерката Весна Јаневска имала средба со в.д. директорката Михајлов која ќе раководи со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и која ќе ја продолжи имплементацијата на „Еразмус“ и „Европски солидарен корпус“ во Македонија, како и на неколку други европски програми и мрежи за образование и мобилност.
Реакција на обвинувањата од СДСМ имаше и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што рекоа дека актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија и ги упатија од опозицијата забелешките да ги сподели и со канцеларијата на ЕУ.