Јаневска изјави дека од 1 септември ќе има учебници за сите ученици, уверувајќи ги родителите дека тие веќе се дистрибуираат по училиштата, иако, како што рече, процесот поинтензивно ќе продолжи по завршувањето на колективниот одмор на наставниците на 15 август

ФОТО: Принтскрин
Министeрката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека Владата донела одлука со која цените на училишниот прибор остануваат на нивото од 1 јуни годинава, со цел да се обезбеди поевтина „училишна кошничка“ за родителите.
Во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на телевизија Канал 5, Јаневска истакна дека оваа мерка ќе овозможи заштеда од околу 10 проценти на актуелните цени за ранци, боички, фломастери, тетратки и друг потребен прибор.
„На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни. Тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени“,
рече Јаневска потврдувајќи дека мерката го опфаќа целиот училиштен прибор.
Оваа одлука доаѓа по најавата на премиерот Христијан Мицкоски од пред два дена, кој најави воведување таканаречена „училишна кошничка“.
На помалку од еден месец од почетокот на учебната година, Јаневска изјави дека од 1 септември ќе има учебници за сите ученици, уверувајќи ги родителите дека тие веќе се дистрибуираат по училиштата, иако, како што рече, процесот поинтензивно ќе продолжи по завршувањето на колективниот одмор на наставниците на 15 август.
Во врска со учебникот по историја, таа потврди дека од оваа година историјата и географијата повторно ќе бидат посебни предмети. Додаде дека во учебниците ќе бидат споменати сите значајни историски личности, а Министерството не добило официјален предлог од Историската комисија.
„Мешаните комисии не дале сѐ уште официјален предлог, барем до Министерството таков предлог не е стигнат. Оттука, ние и немаме обврска тоа што се зборува во јавноста да го примениме како такво затоа што немаме официјален допис. Секако, ќе бидат спомнати сите значајни историски личности коишто треба да бидат спомнати во различни одделенија, по различни теми и поглавја, така како што нашите автори сметаат дека тоа треба да се направи“,
рече Јаневска.
На прашањето за оштетените учебници од минатата година, Јаневска појасни дека училиштата треба да ги пријават до Министерството, кое потоа ќе испорача нови примероци. Таа апелира училиштата да ги пријавуваат сите оштетени учебници, истакнувајќи дека законот предвидува родителот да плати 70 отсто од вредноста на оштетениот учебник.
„Училиштата, особено некои општини, не сакаат да им ги побараат тие средства на родителите и пријавуваат помал број на оштетени учебници“,
појасни таа дополнувајќи дека годинава им потенцирале дека е неопходно да ги пријават сите оштетени учебници и оти ќе добијат толку учебници колку што побарале.