Министерот за здравство, Венко Филипче, со реакција на соопштението од Агатангел со кое ги повика верниците в петок и в сабота да дојдат во дворовите на црквите на литургија по повод празникот Духовден.
„Го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сѐ што сега правиме да се заштити јавното здравје“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање за повикот на Повардарската епархија.
Филипче додаде дека повикот е спротивен и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сѐ Уредбата за забрана на масовни собири.
„Тоа е нешто кое доколку се случи сериозно ќе го загрози здравјето на сите што ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје“,
рече Филипче.
Во соопштението на Повардарската епархија МОЦ-ОА со која раководи Агатангел се повикуваат верниците за одбележување на празникот Духовден. Токму поради спречување на поголеми собирања, Владата вчера соопшти дека од денеска од 21 часот до понеделник 8 јуни до 5 часот се забранува посета на гробиштата на територија на цела држава освен во случај на погреби.