Ќе бидат маркантни како знамето – тоа е целта, да се види секое службено возило, кажа неодамна првиот човек на СОЗР, Ивица Томевски, за „360 степени“
Воведувањето на табличките во боја доаѓа во период кога медиумите последователно детектираат злоупотреби на државните коли

Владата на денешната 97. седница донелa одлука сите државни институции да ги променат регистарските таблици на службените возила со нови во боја, и тоа најдоцна до 15 септември.
„Оваа одлука е во насока на уште едно реализирано ветување пред граѓаните со цел поголема отчетност, транспарентност и ставање крај на злоупотребите кои биле пракса во минатото“,
соопшти владината прес-служба.
Актуелната власт подолго време најавува промена на регистарските таблички со нови во боја, а се споменуваше и воведување механизам преку кој секој граѓанин ќе може да пријави злоупотреба на службено возило.
„Ќе бидат маркантни како знамето – тоа е целта, да се види секое службено возило“,
изјави неодамна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, за „360 степени“.
Одлуката на Владата доаѓа во период кога медиумите последователно нотираат злоупотреба на службените возила.
„360 степени“ ги фати државните коли на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи пред полноќ близу партиски штаб.
Дека се работи за службени возила на овие двајца вицепремиери ни потврди СОЗР.

По неколку дена од Министерството за животна средина и просторно планирање кажаа дека вицепремиерите биле на состанок за владини политики.
Прашан за случајот, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека верува оти двајцата вицепремиери, кои се дел од ВЛЕН, биле на состанок за владини политики, но сепак, за да се увери, рече ќе ги праша и лично.
Вчера, медиумите го фатија и министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, пред судот додека тој, како еден од осомничените за пожарот во Кочани, се пријавуваше дека не е побегнат. „Радио Слободна Европа“ го фотографира службеното возило пред судската зграда, од кое излезе и во кое влезе министерот за кој има мерки за претпазливост, да се јавува еднаш неделно во судот.
„Па јас сум на работа, од каде знаете за што доаѓам во судот?“, им рекол Салиу на новинарите на РСЕ.