„Никому од Чаир му нема помогнато, никому му се нема најдено, никому му нема одговорено на телефон. Во Чаир, тој нема помогнато за ниту едно ново училиште. Го немало кога се граделе булевари, улици, го немало кога се правеле градинки и игралишта“, пишуваат од коалицијата
За само четири години како министер, Бујар Османи се сретна повеќе пати со српските отколку со косовските власти. Трчаше 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина. Ова е денешната реакција на коалицијата ВЛЕН по најавата дека потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“.

Оттаму велат дека Османи изминатите години ништо не направил за своите сограѓани во Чаир, туку на Албанците им понудил само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе.
„Бујар Османи е посреќен со српски дипломати околу себе отколку со своите сограѓани од Чаир. Во Скопје го пречека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а беше и редовна ‘кореографија‘ на прошетките и вечерите со српскиот претседател Александар Вучиќ“,
се вели во коалициската реакција.
Според ВЛЕН, Османи е посреќен со српски дипломати околу себе, отколку со своите сограѓани од Чаир.
„На никого од Чаир му нема помогнато, на никого му се нема најдено, на никого му нема одговорено на телефон. Во Чаир, тој нема помогнато за ниту едно ново училиште. Го немало кога се граделе булевари, улици, го немало кога се правеле градинки и игралишта“,
пишуваат од ВЛЕН.
Сметаат дека Чаир заслужува градоначалник што носи инвестиции, чисти улици и сигурни училишта, а не човек чиј единствен резултат е дебела фотоархива со српските лидери.
„Бујар Османи го интересира својата кариера, добрите релации со Белград и шансата да остане во политиката. Во еден мандат да се сретнеш повеќе пати со Белград од Приштина зборува за тоа дека тој заборавил од каде доаѓа и кои се негови луѓе“,
стои во реакцијата.
По критиките дека власта ја турка државата во т.н. „српски свет“, вчера се огласи и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Рече дека тие доаѓаат од поединечни поранешни функционери за кои, како што тврди, во период на нивните мандати имале многу повеќе средби со колегите од српска страна. Кажа и конкретни бројки.
„Веројатно на јавноста ќе ѝ биде интересно да дознае дека поранешниот претседател, Стево Пендаровски, во текот на неговите 5 години како претседател на државата, најмногу средби имал со претседателот на Србија, господинот Вучиќ. Деветпати се сретнале, повеќе од со кој било друг претседател. Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 22 билатерални средби во период од 7 години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушам е и поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Во четири години – 11 билатерални средби со неговите колеги од Србија. Јас не ценам дали е тоа добро или лошо, јас повторувам, како министер за надворешни работи, ние треба да соработуваме со сите, но не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а историски бројки да сте имале токму со претставници на тие соседи. Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика“,
рече вчера Муцунски.
На состанокот на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој вчера се одржа во Тетово е одлучено потпретседателот на партијата и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“.
Османи вчеравечер на својот фејсбук-профил објави дека и официјално е кандидат за градоначалник на скопски Чаир.
Посочи дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом и затоа што жителите на оваа општина не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови.