Ставот доаѓа по прашањата на „360 степени“ – дали има или ќе има таков договор бидејќи за инвестицијата беше кажано дека ќе снабдува 100 000 македонски домаќинства, дека ќе ја зголеми енергетската независност на земјата и дека ќе ја поевтини цената на струјата. Од Владата се јасни – инвестицијата е чисто комерцијална
Не добивме, сепак, детален одговор – како тогаш „Алказар енерџи“ ќе снабдува 100 000 домаќинства во земјава и ќе придонесе за енергетската независност
Владата нема да влегува во обврски за загарантиран откуп на електрична енергија по однапред утврдена цена. Така велат од Илинденска бр.2 на прашањата на „360 степени“ – дали државата потпишала или планира да потпише договор со „Алказар“ – инвестициски фонд кој деновиве почна да ја реализира најголемата приватна инвестиција во енергетиката во земјава.

Основата на прашањата беа тврдењата и на инвеститорите и на претставници на Владата дека ветерниот парк вреден половина милијарди долари ќе придонесе за поевтина струја, за поголема енергетска стабилност и независност, па и дека со таа енергија ќе се снабдуваат 100 000 македонски домаќинства.
Нема (да има) договор
До Владата испративме пет прашања. Првите три се однесуваа на иста работа, но со различно временско дејство – дали Владата потпишала или планира да потпише договор за гарантиран откуп и ако да, под кои услови. Одговорот на ова прашање е апсолвиран уште во насловот. А, дополнителното објаснување од Владата гласи:
„Наместо тоа, ја поддржуваме политиката на слободен пазар, каде што производителите на електрична енергија – вклучително и од обновливи извори како ветер – ја продаваат струјата по пазарни услови, на берза или преку директни договори со заинтересирани купувачи.
Зошто го правиме ова? Затоа што веруваме во здрави, одржливи и пазарно ориентирани инвестиции. Кога државата се обврзува со долгорочни договори за загарантиран откуп, таа во суштина презема дел од пазарниот ризик наместо инвеститорот. Тоа значи дека граѓаните, преку буџетот или преку сметките за струја, на крај ја плаќаат таа сигурност. Ако проектот е економски издржан, ако технологијата е модерна и цената на струјата е конкурентна, тогаш тој ќе опстои на пазарот – без потреба од државни гаранции”,
велат од Владата.
Овој став е конзистентен со она што најголемата партија во владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ, го застапуваше изминативе години. Како опозиција беа против обидот на владите предводени од СДСМ за склучување на договори за четири стратешки инвестиции во енергетиката, преку кои странски компании ќе изградеа енергетски капацитети, а за возврат државата ќе им дадеше одредени ослободувања и плус ќе ја купуваше целата или дел од произведената енергија по однапред утврдени цени.
Но, од друга страна, ваквиот став на Владата е во колизија со изјавите кои во изминатава година ги даваа и инвеститорот во ветерниот парк и највисоките претставници на власта.

„Проектот ќе креира 600 работни места при изградбата и ќе снабдува повеќе од 100 000 домаќинства“,
кажа Даниел Калдерон од „Алказар“ на церемонијата по повод камен-темелникот.

„Со завршување на овoј проект дури стотина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетската независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо“,
кажа премиерот Христијан Мицкоски кога на 25 јуни 2024 година присуствуваше на промоцијата на проектот.
Комерцијална инвестиција
Македонските домаќинства се снабдуваат со електрична енергија преку т.н. универзален снабдувач. Универзален снабдувач, во моментов е ЕВН Хоум. ЕВН Хоум, пак, ја купува струјата за домаќинствата дома или во странство и тоа на т.н. билатерален пазар и т.н. организиран пазар. До оваа година, според претходниот Закон за енергетика, имаше обврска на повиците за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач да се јавува и производителот на струја со најголем инсталиран капацитет во земјава. Тоа се Електрани на Северна Македонија. Иако тоа формално не се бараше од нив, тие во последниве години нудеа и 100% од електричната енергија која е потребна за универзалниот снабдувач, по цени кои не само што се пониски од пазарните, туку се пониски од нивните производствени. Се беше со цел струјата за домаќинствата да не поскапи.

Ако продолжи праксата на ЕСМ да нуди 100% од потребите на универзалниот снабдувач, логично се наметнува заклучокот дека за ветерниот парк на „Алказар“ да снабдува домаќинства во Македонија ќе мора да има договор со ЕСМ. Или, пак, да склучи договор за продажба на струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, доколку ЕСМ престане да нуди 100% од потребната електрична енергија.
Затоа и нашето четврто и петто прашање до Владата беа – дали „Алказар“ е чисто комерцијална инвестиција и ако е – како ќе снабдува 100 000 домаќинства придонесувајќи за енергетска независност на земјата? Одговорот од Владата е дека инвестицијата е комерцијална.
„Во меѓународна пракса веќе гледаме дека голем број држави, особено оние со поразвиени енергетски пазари дека се откажуваат од вакви политики на договори. Овие држави привлекуваат инвеститори што се подготвени да инвестираат, да се натпреваруваат на слободниот пазар, што води до поголема ефикасност, иновација и најважно пониски цени за потрошувачите.
Накратко би сакале да потенцираме дека со оваа политика ја штитиме фискалната стабилност на државата, создадовме јасни и предвидливи правила за сите инвеститори и обезбедуваме фер третман на пазарот. Проектот за ветерниот парк и инвестицијата на ‘Алказар енерџи’, е потврда дека сериозни инвеститори сакаат да вложуваат и без загарантирани договори кога државата е стабилна, транспарентна и има јасна визија”,
ни одговорија од Владата.
Проектот за изградба на ветерниот парк на „Алказар“ во штипско ВМРО-ДПМНЕ го најави уште кога беше во опозиција. Вториот ден по формирањето на новата Влада со Христијан Мицкоски како премиер, претставници на „Алказар“ беа на гости во земјава. Премиерот тогаш вети дека изградбата ќе почне за една година, рок во кој минатата недела се постави камен-темелникот.
Бидејќи станува збор за инвестициски фонд, не може да биде докрај јасно чии пари стојат зад инвестицијата од половина милијарда долари. Но, несомнено е дека „Алказар“ има искуство со такви проекти. Според информациите објавени од самата организација, седиштето им е во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Досега оваа организација имала една успешна инвестиција АЕП-1 во Северна Африка и Блискиот Исток, која во 2021 била откупена од кинеската „China Three Gorges South Asia Investment Ltd”, чии, пак, акционери, според соопштение на „Алказар енерџи“, во тој момент се и „International Finance Corporation“ и „Silk Road Fund“. „Silk Road Fund“ e проект зад кој стои кинеската држава.