Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата е обвинета за две кривични дела. Првото е оддавање службена тајна во врска со предметот „Адитив“, бидејќи праќала документи од предмет на интерес на еден од сега обвинетите во тој случај, кои не смеела да ги сподели
Второто кривично дело за кое е обвинета Димитровска, а за кое јавноста досега не знаеше дека воопшто е под истрага, е компјутерски фалсификат. Според описот од обвинителството, првата антикорупционерка се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако ревизор во Државниот завод за ревизија и го положил испитот наместо неа

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал покрена обвинение за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска.
Јавно беше познато дека е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, но освен за тоа дела, во обвинението се товари и за компјутерски фалсификат. Вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.
Адитив
Прво за делото – оддавање службена тајна. Татјана Димитровска е обвинета дека ја искористила позицијата и на еден од обвинетите во „Адитив“ му давала информации кои му биле од интерес. Со зборовите на обвинителството:
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“,
соопшти денеска Обвинителството.
Безбедносен сертификат
Ново е што, дополнително, на претседателката на Антикорупциска ѝ се става на товар дека обезбедила сертификат за положен испит за класифицирани информации со помош на новообвинето лице.
„На обвинетата ѝ се става на товар и дека со цел да добие сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Вибер на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“,
стои во денешното соопштението на Обвинителството.
Со поднесените обвиненија, Обвинителството доставило и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за злоупотреби поврзани со предметот „Адитив“.
За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со второобвинетата.