Покрај зголемувањето на бројот на обидите, новина е и тоа што ќе се скрати времето на одлучување од три месеци на две недели
Наместо три обиди како досега, Фондот за здравствено осигурување ќе овозможи шест обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување, попознато како инвитро-оплодување, соопштија директорите на фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.

Ова според нив се овозможува со законските измени кои беа усвоени на десетти јули годинава, а дополнително новина е и тоа што ќе се скрати времето на одлучување од три месеци на само две недели.
„Измените предвидуваат вклучување на БПО во основниот пакет на здравствени услуги, зголемување на шест наместо три обиди за БПО на товар на Фондот и усогласување на ослободувањето од партиципација, Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистратицниот процес“,
рече Клековски.
Според Фондот за здравствено осигурување, се поголем број на брачни парови и поединци имаат проблеми при зачнување, а само во минатата година имало 1 495 барања за БПО, од кои 1 280 за прво дете, 195 за второ, 15 за трето дете и пет за четврто дете. Постапките се извршуваат во осум здравствени установи во земјава, а следниот чекор според фондот ќе биде финансиска поддршка на криопрезервација, односно замрзнување на јајце-клетки за идна употреба и поддршка за Клиниката за гинекологија во создавањето на национална банка за репродуктивен материјал (јајце-клетки и сперма) за зголемување на пристапноста до репродуктивни третмани.